СУМ СИ ГИ ЗАБОРАВИЛ ДЕЛАТА И НЕ ЗНАЕВ ДЕКА ИМАМ ВОЛКУ ПРИЈАТЕЛИ, ГО ПРОСЛАВИ 90. РОДЕНДЕН СКУЛПТОРОТ МИТРИЌЕСКИ ВО МАНУ

    СУМ СИ ГИ ЗАБОРАВИЛ ДЕЛАТА И НЕ ЗНАЕВ ДЕКА ИМАМ ВОЛКУ ПРИЈАТЕЛИ, ГО ПРОСЛАВИ 90. РОДЕНДЕН СКУЛПТОРОТ МИТРИЌЕСКИ ВО МАНУДраги Боро, ти посакувам крепко здравје и уште долго време да ни правиш фигури кои што нагоре, пругоре ќе гледаат и ќе се стремат кон совршенството - претседателот на МАНУ Таки Фити со славеникот (Фото: СДК.МК)

    Академик Боро Митриќески-Митрич со своите 90 години ја насмеа и ја стопли публиката која во голем број дојде на неговата изложба во Ликовниот салон на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), во вторникот вечер, и која со голем аплауз го поздрави настанот со кој  Академијата одбележа 50 години постоење, 70 години творештво на академик Митриќески и 90 години од неговото раѓање. Немирниот и енергичен прилепчанец, скулпторот познат пред сè како голем човек, кој не се менуваше во животот независно од функциите кои ги имаше, не можеше да дочека, а да не ѝ се обрати на публиката на отворањето на изложбата, па не запазувајќи го протоколот неколкупати возбудено, насмеано и симпатично на микрофонот, преку ред, фаќајки се за главата рече:

    „Многу сум среќен. Ова во животот не сум го очекувал. Делава сум ги заборавил, а ниту знаев дека имам волку пријатели што ќе дојдат на оваа изложба. Ви благодарам на сите. Мозокот ми застана, не знам што друго да ви кажам“.

    Митриќески е академик 20 години, најпознат е по скулптурите во дрво, но и во камен, мермер, во бронза, по монументални скулптури и споменични обележја. Но, Митрич, како што му е прекар од дете, а потоа и целата јавност така го знае, е пред сè човек, многу добар човек. Па, така и на овој голем јубилеј за МАНУ и за уметникот, претседателот на Академијата Таки Фити рече дека со Боро се знаат повеќе од 30 години, и дека тој, покрај уметничката величина е поим за скромност, простодушност, за великодушност.

    „Сите ние многу го сакаме Боро, тој е омилен во Академијата, а и кај своите колеги“, рече Фити.

    Разиграната структура на релјефот на Марковите Кули, и природните скулптури на „Баба“, на „Слончето“ вклопени во камениот рид, биле инспирација за уметникот од Прилеп – Газанфер Бајрам и Митриќевски (Фото: СДК.МК)

    Постарите членови од Одделението за уметност во МАНУ, Георги Старделов и Матеја Матевски имаа почесно место, и свои текстови во ексклузивниот каталог за изложбата, а на самото отворање говореше академик Газанфер Бајрам, секретар на Одделението . Тој потсети оти самиот Митрич раскажувал оти во својата рана младост бил најбрз во искачувањето до Маркукуле и назад, па Бајрам вели:

    „Таа енергија потоа тој ја насочува во творештвото, веќе 70 години“. Тој вели оти разиграната структура на релјефот на Марковите Кули, и природните скулптури на „Баба“, на „Слончето“ вклопени во камениот рид, биле инспирација за уметникот од Прилеп, но и тутунот, лутата пиперка, приказните од Марко Цепенков и митската фантазија на ова поднебје.

    Во своето богато и повеќегодишно творештво Митриќески поминал низ многу фази, но секако ќе остане запаметен како еден од најзначајните портретисти. Класично, или надвор од сите норми има создадено над 50 портрети, од најблиските членови на семејството, до пријателите и колеги Драгутин Аврамовски-Гуте, Танас Луловски, Петар Мазев, Родољуб Анастасов, Лазар Личеноски. Неговиот Блаже Конески е поставен во централните простории на МАНУ и како што вели академик Луан Старова:„Иако е во бронза како да продолжува да зборува и да го упатува својот разумен и одмерен  збор, толку неопходен за својата земја започнат од кодификацијата на јазикот и литературата“.

    Митриќески е академик 20 години, најпознат е по скулптурите во дрво, но и во камен, мермер, во бронза, по монументални скулптури и споменични обележја (Фото: СДК.МК)

    ЗНАЕШЕ ДА СТОИ НА ГЛАВА

    Нема лош збор за Боро Митриќ од колеги, студенти, од академици, од мајстори, од комшии на Водно, во Сарај, местото на неговиот живот со сопругата Марика и со синовите, внуците. Академик Васко Ташковски се сеќава дека иако десеттина години постар од нив, Боро секогаш бил од оние луѓе што никогаш не гледале од горе, секогаш те прифаќале како свој, рамен на себе.

    „Благородноста и човештината се тие што го прават човекот природен, прифатлив и близок до сите“, вели Ташковски, опишувајќи го Боро.

    Нема крај на приказните од писателите и уметниците кои се дел од секојдневниот живот во ателјето на Митрич – Митриќески со сопругата Марушка за време на отварањето на изложбата (Фото: СДК.МК)

    Една од случките од нивната  младост е вели академик Васко, кога тој и Боро се натпреварувале кој може подолго да стои на глава, а ова било на роденден кај Луловски, пред повеќе од 40 години. Тој раскажува и за сиртакито што Боро им го изиграл во 70-тите години на Грците во Атина, по што добил голем аплауз.

    За дружбите во Сарај, нема крај на приказните од писателите и уметниците кои се дел од секојдневниот живот во ателјето на Митрич, па во монографијата има песни од академик Матеја Матевски, од Михаил Ренџов, од неговиот син, режисерот Антонио Митиќески, а на изложбата беа комшиите Рубенс Корубин, Драган Поповски-Дада.

    Сопругата на Боро, Марушка која е негова класична половина и се споменува во сите песни ни рече дека деновиве си живеат исто:

    „Боро е добар. Си уживаме во Сарај. Тој работи низ двор, и повторува пак за тоа како бил тутунарче, како пасел кози, како чувал кокошки, и како од дома го праќале до фурна по леб, ама од средината на лебот по пат тој правел човечиња. Домашните потоа го карале“.  Насмеана, шегрт прилепски како Боро, Марушка додава:„Успеал некако преку некој вујко да  се запише со една тетратка на школа, и да го направи Самоил“.

    Марушка се потсетува на стихот на Ренџов кој во некои седенки со Гане Тодоровски и со другите писатали, пеел: „Боро е громоглсаен, ама неопасен. Благорородна душа од неговата мајка, а крепен и поткрепен од неговата друшка Марушка“.

     

    „ЕУРОЛИНК ОСИГУРУВАЊЕ“ СЕ ВКЛУЧУВА ВО ПРОЕКТИТЕ НА МАНУ ЗА КУЛТУРА И УМЕТНОСТ

    „Сите еден ден ќе си заминеме, но културата и уметноста остануваат“, рече претседателката на на „Еуролинк осигурување“ Олга Костовска најавувајќи нови вложувања на осигурителната компанија за поддршка на културата и уметноста; – од отварањето на изложбата на Митриќески во МАНУ (Фото: СДК.МК)

    Фондацијата „Трифун Костовски“ има поддржано над 100 научно-уметнички проекти во МАНУ. Куриозитет на грандиозната изложба на Митриќески е дека, како што рече претстедателот на МАНУ Таки Фити, отсега во научно-уметничките проекти се вклучува и компанијата „Еуролинк осигурување“.

    Олга Костовска, претседателка на надзорниот одбор на осигурителната компанија рече:„ Оваа година ‘Еуролинк осигурување’, развивајќи ја својата платформа за општествено одговорна компанија, ја посветува на културата. Сметаме дека уметноста е еден од фундаментите на секое здраво и современо општетво.  ‘Еуролинк’ годинава слави 15 години и ги посветува токму на културата и на уметноста. Досега дадовме подршка на повеќе манифестации и настани и на Музејот на современа уметност. Како компанија сметаме дека уметноста е еден од главните постулати на општеството кое трае. Сите еден ден ќе си заминеме, но културата и уметноста остануваат“, ни рече Костовска.

     

     

     

     

     

     

     

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира