СУНЃЕРО И САПУНО – ЦЕЛА БИТОЛА ГИ ЗНАЕ ПО ПРЕКАР, А ПО ИМЕ САМО МАЈКА ИМ

    СУНЃЕРО И САПУНО – ЦЕЛА БИТОЛА ГИ ЗНАЕ ПО ПРЕКАР, А ПО ИМЕ САМО МАЈКА ИМВо Битола секој втор жител имал и има прекар, па цел град ги знае по нив, а по крстеното име само мајка им; - Широк сокак (Фото: СДК.МК)

    Влао – оти бил циција, Арапо – оти имал темен тен, Кошо – оти живеел на аголот на Широк сокак, Сунѓеро – оти на училиште впивал се како сунѓер, Гризикоска – зашто сакал да го гризe месото околу коската, Сапуно – оти бил бербер, Штиклата – зашто бeндисувал девојки на високи потпетици, Бомбардикос –  зашто бил многу силен и никој со него не си фаќал беља… Ова се само дел од огромната листа прекари кои можат да се чујат во Битола. Во градот секој втор жител имал и има прекар, па цела Битола ги знае по нив, а по крстеното име само мајка им.

    Повозрасните битолчани велат дека градот е вистински извор на прекари, а битолските шегобијци се многу оригинални во нивното измислување.

    „Немаше маало без прекар. Најчесто им го даваа по грешка во говорот или некоја направена глупост, беља на млади години. Прекарите најчесто се даваа од мали нозе, а ги носат луѓето цел живот. Ако некој не можете да го најдете по име, побарајте го по прекар. Некои дури ги запишаа прекарите и на надгробните плочи, такви примери има и на Буковските и на Светонеделските гробишта, значи се носат од мали нозе, па до гроб“, вели Никола Талевски, долгогодишен новинар и хуморист.

    Познато е дека оние кои ќе ги крштевале Методија, од крстилница како да го добивале прекарот Мечката или ако е поситен Мечо. Прекари особено добивале оние похрабрите и посилните, познати во градот како тепачи. Слично било и во Прилеп, па постои анегдота за извесен фудбалски натпревар меѓу Пелистер и Победа кога се скарале еден битолчанец и прилепчанец. Едниот на другиот му рекол: „Јас сум Рамбо Бељата“, а овој возвратил: „Јас сум Карабацката (прочуен тепач), не ме гибај.“

    „Прекарите освен по карактерот се даваа и според физичкиот изглед. Битолчани и денес го паметат Тохари кој бил најнискиот човек во градот. Со години, многумина што биле ниски ги викале Тохари. Највисокиот битолчанец бил Манди и денес некој што е висок го викаат така. Интересно е што највисокиот и најнискиот битолчанец умреле во еден ист ден“, вели новинарот и хроничар на Битола Петар Ставрев.

    Освен мажите, прекари добивале и жените, како на пример Личната, не оти била убава, туку зашто кога играле кошарка во школо правела многу лични грешки. Потоа, жените кои служеле за забава, како Паљомба која чекала муштерии кај Касарната на ЈНА, па Црни Бамбо која се облекувала во црно, а се раскажува дека побарала и пензија од извесен генерал во армијата зашто, како што му рекла, со години ги „лекувала“ војниците, па и него.

    Битолките шегобијци им дале прeкари дури и на брачни парови. Двајца повозрасни сопружнци кои на Широк сокак ги среќавале секогаш заедно под рака ги нарекле Филемон и Баукида по дедото и бабата од грчката митологија кои толку се сакале што умреле во ист ден, а богот Зевс ги претворил во даб и липа.

    Неодамна на Интернет се вртеше листа со оригинални битолски прекари кои никого не оставија рамнодушен. Еве неколку од нив: Рапсусто оти бил роден на 10 јуни, Лагата оти имал куси нозе, Свиокот оти живеел на кривина, Неспремното зашто му се додворувала некоја грда девојка, а тој ѝ рекол: „Не сум спремен“. Понатаму Ќошо оти Ивица се викал, Ќор оти на сите им викал: „Кај си Саша“, Пожаро оти мајка му и татко му отишле во пожарна на родителска средба. Акмако е за девојка која кога се запознавала со пејачот од битолскиот бенд Чоканче го прашала три пати како се вика, а овој за да запамети и рекол: „Како упаљач без у“. Таа другиот ден по Корзо му викала „Акмак“ зашто го превела зборот на битолски дијалект и добила чакмак , па без ч, доаѓа акмак.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира