СВЕЧЕН КОНЦЕРТ НА ОХРИДСКО ЛЕТО ЗА ЈУБИЛЕИТЕ НА АВРАМОВСКИ, ОРТАКОВ И СТОЈКОВ

    СВЕЧЕН КОНЦЕРТ НА ОХРИДСКО ЛЕТО ЗА ЈУБИЛЕИТЕ НА АВРАМОВСКИ, ОРТАКОВ И СТОЈКОВНа синоќешниот концерт со македонска музика, настапија повеќе уметници како ќерката на композиоторот Аврамовски, пијанистката Јасна Аврамовска и Скопскиот дувачки квинтет (Фото: Охридско лето)

    Во полната „Св. Софија“ синоќа на Охридско лето, со свечен концерт беа одбележани годишнините од раѓањето на тројца истакнати македонски композитори, 75 години од раѓањето на Ристо Аврамовски (1943-2007), 90 години од раѓањето на Драгослав Ортаков (1928-2007) како и 77-годишнината од раѓањето на Стојан Стојков.

    Меѓу уметниците кои синоќа настапија беше и ќерката на Аврамовски, пијанистката Јасна Аврамовска, а во публиката беше и неговата сопруга, Емилија која се присети на деновите кога со композиторот го славеле неговиот роденден заедно со Охридско лето, токму на 20 август, кога и завршува Фестивалот.

    „Го славевме роденденот на Ристо заедно со вработените во Охридско лето. Остана еден убав спомен од времето кога тој беше претседател на Управниот одбор, но и селектор на фестивалот. Во 1993 година го отворивме фестивалот со музичката драма ‘Црно писмо’. Неговите дела на фестивалот ги изведуваа многу уметници меѓу кои и Запро Запров“, се присети Аврамовска.

    На концертот настапија и баритонот Горан Начевски, пијанистот Тодор Светиев, како и обоистот Васил Атанасов заедно со Скопскиот дувачки квинтет во кој покрај Атанасов членуваат и флејтистката Марија Јакимовска, кларинетистот Ристо Ѓоревски, Даниел Апостолов на фагот и Александар Гошев на хорна.

    Обоистот Атанасов рече дека заедно со колегите вложиле голем труд за синоќешниот настап, но како што додаде, не жалат затоа што имаше доста публика која уживаше во грандиозните дела на големите композитори Аврамовски, Ортаков и Стојков.

    Најголемиот летен фестивал во Македонија, Охридско лето завршува вечерва со словенечката претстава „Илијада“ во режија на Јернеј Лоренци која ќе се изведе од 21 часот во Антички театар.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира