ТАНЧЕРИТЕ ОД СПЕЦИЈАЛНА ОЛИМПИЈАДА МАКЕДОНИЈА ОДИГРАА ДО ПОСЛЕДЕН АТОМ И ОСВОИЈА ДВЕ СРЕБРА НА СВЕТСКИОТ ШАМПИОНАТ ВО ГРАЦ

    ТАНЧЕРИТЕ ОД СПЕЦИЈАЛНА ОЛИМПИЈАДА МАКЕДОНИЈА ОДИГРАА ДО ПОСЛЕДЕН АТОМ И ОСВОИЈА ДВЕ СРЕБРА НА СВЕТСКИОТ ШАМПИОНАТ ВО ГРАЦНашата делегација настапуваше со две точки, јунифајд во двојки и соло перформанс. - Од дочекот на Скопскиот аеродром (Фото: Специјална Олимпијада Македонија)

    Специјална олимпијада Македонија освои два сребрени медала на Првиот Светски шампионат во танц на специјална олимпијада кој што се одржа во Грац, Австрија, во конкуренција на 13 земји. Нашата делегација настапуваше со две точки, јунифајд во двојки и соло перформанс.

    „Во четири дена го искусивме семејството на Специјална олимпијада кое и во пандемични услови успеа да го организира Првиот светски шампионат во танцување како спорт, според строги Ковид протоколи. Нашите атлети на сцена се претставија во најдобро светло и двете кореографии ги одиграа до последен атом и за тоа беа наградени со две сребра“, вели Александра Димеска, водач на делегацијата ан Специјална олимпијада Македонија.

    На нумерата „Te quero“ од Оливер, тимот „Сонриса јунифајд“ составен од Илина Георгиева, Јулијана Петровска, Марио Мицковски, Стефан Трпковски и јунифајд партнерите Сања Матеева и Димитар Мишев, одигра прецизно и страсно и жири комисијата настапот го оцени со сребрен медал.

    Додека соло настапот на Јулијана Петровска на нумерата „I wanna dance“ на Артем Узунов, салата ја остави без здив и освои сребро. Танчерите за ова првенство ги подготвуваше кореографката Евгенија Трифуновска.

    Тимот „Сонриса јунифајд“ е составен од Илина Георгиева, Јулијана Петровска, Марио Мицковски, Стефан Трпковски и јунифајд партнерите Сања Матеева и Димитар Мишев. (Фото: Специјална Олимпијада Македонија)

    Во конкуренција на 13 земји (Австрија, Чешка, Естонија, Германија, Норвешка, Словачка, Украина, САД, Грција, Ирска, Индија и Литванија), каде учествуваа 80 атлети од три континенти, под водство на 30 тренери под строги ковид-19 протоколи, ова беше прв жив настан на Специјална олимпијада на кој што учествуваа атлетите, од кога е започната пандемијата на ковид-19.

    Атлетите се натпреваруваа во четири категории, соло, пар, двојки и тим и во четири дисциплини, танго, уличен танц, сценска уметност и специјален настап. Првенството се случуваше пред публика од 1.000 луѓе, кои уживаа во вонсериските настапи на атлетите и страста која тие ја покажуваа за танц за време на целиот настан.

    Танцот како спорт официјално е спортска дисциплина од олимписките игри на Специјална олимпијада во Абу Даби 2019 година, и ќе биде официјална натпреварувачка дисциплина започнувајќи од Зимските олимписки игри на Специјална олимпијада 2025.

     

     

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира