ТАРТУФОТ Е ПРИРОДЕН СТИМУЛАНС ПОЈАК И ОД ВИЈАГРАТА, ВЕЛИ ТРАГАЧОТ КОЈ ЈА НАЈДЕ СКАПАТА ГАБА ВО ТЕТОВСКО

    ТАРТУФОТ Е ПРИРОДЕН СТИМУЛАНС ПОЈАК И ОД ВИЈАГРАТА, ВЕЛИ ТРАГАЧОТ КОЈ ЈА НАЈДЕ СКАПАТА ГАБА ВО ТЕТОВСКОСаша Стојчески со неговото куче Лео, специјално обучено да намириса тартуф, скапоцена габа која расте под земја и вреди од 150 до 3.000 евра за кило (Фото: СДК.МК)

    Во шумата на тетовското село Варвара, Саша Стојчески со неговото куче Лео темелно ја пребаруваат шумата. Не се излезени на прошетка, туку во потрага по вистинско богатство за кое малкумина знаат дека постои тука. Лео, длабоко занесен во потрагата, го пребарува секој грм, секоја педа од шумата. Одеднаш почнува да копа во земјата, тоа за Саша е добар знак дека нешто насетил. Притрчува и внимателно ја отстранува земјата каде копал Лео и насмевката на неговото лице кажува дека го пронашол богатството.

    Покажува едно мало црно топче со необично рапава површина, не потешко од дваесетина грама. Тоа е танаречениот црн тартуф, габа која живее во земјата и која, заедно со белиот тартуф се едни од најценетите додатоци на јадењата.

    Тартуфот не е обична габа или печурка како ние ја викаме. Таа расте под земја, на специфични места и во шуми со специфични дрва, во крајно специфични услови. За да се најде треба да се има добро издресирано куче, а како најдобро за оваа работа се кучињата од расата лагото ромањоло, вели Стојчески (Фото: СДК.МК)

    „Килограм од црниот тартуф вреди од 150 до 300 евра, па така ова мало топче вреди од 1.000 до 2.000 денари. Но ако имам среќа па да најдам и бел тартуф, е тогаш може да кажам дека сум пронашол вистинско богатство, бидејќи белиот тартуф на Запад може да се продаде и за 2 до 3 илјади евра за килограм, а пред некоја година неговата цена достигна и фантастични 7.000 евра за килограм“, вели тетовецот Саша Стојчески, кој веќе 6 години ја собира оваа скапоцена габа.

    И додека во светот тартуфот со неговиот чудесен вкус е познат со векови, кај нас дури од неодамна почна да расне интересот за оваа чудесна габа.

    „Мојата прва средба со тартуфот беше при еден разговор за раси на кучиња, кога за прв пат дознав дека има и такви кои бараат тартуфи. Почнав да барам информации на Интернет и бев просто запрепастен колку тартуфот се цени и се бара во западните земји. Кога просурфаф уште повеќе, видов дека го има во сите околни земји, во Србија, Бугарија, Грција, Албанија, па си реков, ако е така мора да го има и во Македонија. И така, како што ние тетовците велиме, ‘ми влезе чивијата’, и што повеќе читав за тартуфот сè повеќе сакав и јас да почнам да ја барам оваа благородна габа. Најдов контакти од одгледувачи на кучиња од Србија, кои велеа дека се посебно дресирани да проаоѓаат тартуфи. Бараа и по 900 евра за дресирано куче. Тартуфот не е обична габа или печурка како ние ја викаме. Таа расте под земја, на специфични места и во шуми со специфични дрва, во крајно специфични услови. За да се најде треба да се има добро издресирано куче, а како најдобро за оваа работа се кучињата од расата лагото ромањоло. После многу контакти со одгледувачници на кучиња го најдов мојот Лео дури во Соко Бања во Србија и го донесов во Македонија. Тогаш имаше само 2 месеци“, вели Стојчески.

    Но набавката на куче е една работа, а дресурата на кучето да може да го препознае и пронајде спацифичниот мирис на тартуфот е сосем друга работа. Бидејќи Лео бил сосем мал и уште неиздресиран да бара тартуфи, Саша почнал да осмислува начини како да го научи своето куче да го бара тартуфот.

    „Е тоа беше вистински предизвик, како да го научам Лео да најде татруф кога и јас самиот до тогаш немав видено во живо тартуф, а камоли да го осетам неговиот мирис и вкус. Еднаш случајно во еден супермаркет налетав на паштета на која пишување дека е со тартуф. Веднаш ја зедов и почнав со обуката на Лео. Првин му дадов на Лео да ја помириса паштетата па завиткав малку од паштетата во салфетка и ја скрив под тепихот. Лео за кратко време ја најде. Така започна нашата обука. Потоа во Скопје најдов вистински тартуф, тежеше 20 грама, а го платив 1.400 денари, но сето тоа се исплати. Сега Лео можеше уште подобро да го осети мирисот на тартуфот. Така бевме подготвени да излеземе на терен но потрагата по тартуфот, но почетокот, не одеше така лесно. Четири месеци шетавме со Лео низ планините, баравме и ништо не најдовме. Тогаш јас немав никакво искуство каде точно да барам и пред сè во кој период од годината го има тартуфот. Но уште потешко од тоа беше што морав да ги трпам зафрканциите на моја сметка дека сето тоа е залудно и дека тука нема тартуфи. Но јас бев решителен и упорен дека ќе најдам тартуф. По четири месеци трагање дури во октомври го најдов првиот тартуф. Сега е веќе сосем друга работата, моето искуство и искуството на Лео придонесуваат секоја наша потрага да заврши со добра количина тартуфи“, вели Стојчески.

    Но тој не сака да застане само на собирање на тартуфот. Неговите планови се да го прошири овој бизнис. Почнува да прави производи од таретуфот, а наскоро очекува оваа скапоцена габа да ја извезува во САД.

    „Јас сега правам една комбинација на мед и тартуф. Органскиот мед помешан со нарендан црн летен тартуф (tuber aestivum) дава преубав мирис и вкус. Медот преставува конзерванс за тартуфот и е одличен додаток за овошни салати, сирења и други деликатеси. За хранливите вредности на медот сите веќе знаеме, но малку е познато дека татруфот содржи 22 аминокиселини па поради тоа има извонредни лековити дејства. Тој е познат и како мозочна храна, бидејќи неговите активни супстанци ја подобруваат способноста за учење, меморијата, концентрацијата и менталната издржливост. Сега јас сум во преговори со еден мој внук кој е во Детроит во САД, кој отвори фирма која се бави со увоз на тартуфот. Сега сакаме и овде да се отвори таква фирма и на тој начин тартуфот од Македонија ќе може да се извезува надвор од земјата според сите законски прописи. За жал, сега кај нас нема организиран откуп на тартуфот“, вели Стојчески.

    Но татруфот крие уште една голема тајна која дури неодамна е научно докажана, а за која нашите предци знаеле уште од многу одамна.

    „Неодамна наидов на еден стручен напис објавен од група италијански научници кои ги проучувале својствата на тартуфот. Тие откриле дека тартуфот, покрај тоа што го зголемува имунитетот, е и многу силен афродизијак кој содржи феромони, хемиска супстанца која ја стимулира сексуалната активност. Всушност, татруфот е една природна вијагра, а некои мои пријатели ми велат дека е дури и подобар од вијаграта. Е, сега колку во тоа има вистина можат само тие да кажат, но секако таквите ефекти се јавуваат само ако се јаде поголема количина тартуфи“, вели Стојчески.

    И додека трае разговорот, Лео почна интезивно да копа во земјата веднаш под едно лешниково дрво. Саша притрчува, бидејќи уште едно парче од богатството чека да биде откриено.

    З. АНДОНОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира