Луѓето на возраст од 60 години и повеќе се соочуваат со сериозни опасности по нивното здравје од изложеност на топлина на многу пониски температури отколку што претходно се сметаше, покажува ново истражување објавено во списанието „Лансет паблик хелт“.
Студијата, предводена од здравствени експерти од Универзитетот Стенфорд во Калифорнија, укажува дека повозрасната популација ќе го претрпи најголемиот товар од сè почестите и продолжени топлотни бранови ширум светот. Ваквите екстремни температури предизвикуваат некомпензиран топлотен стрес, состојба во која човечкото тело ја губи способноста да се олади, што создава ризик од тешки здравствени компликации, па дури и смрт.
Постарите лица се во поголема опасност бидејќи нивниот организам помалку се поти, срцето работи понапорно при високи температури, а крвните садови потешко се шират. Авторите велат дека претходните истражувања не ги поставиле точно разликите во ризикот меѓу возрасните групи бидејќи праговите за одржување на топлотниот баланс, кои важат за помладите, погрешно се применувале за сите генерации. Со тоа бил занемарен зголемениот ризик од срцеви удари кај постарите.
Според наодите, лицата над 60 години се изложени на опасен и потенцијално смртоносен топлотен стрес при пораст на температурата од само 1,5 степени Целзиусови над прединдустриските нивоа, во споредба со прагот од 4 степени за помладите возрасни. Секој дополнителен степен на глобално затоплување годишно изложува околу еден милион луѓе на најмалку 180 часа некомпензиран топлотен стрес. Доколку затоплувањето продолжи, делови од тропските и суптропските предели би можеле да станат целосно несоодветни за живот, особено за повозрасните.
Комбинацијата од растот на глобалните температури и проекциите дека бројот на жители постари од 60 години ќе достигне 2,1 милијарда до 2050 година значи дека значително поголем број луѓе ќе страдаат од проблеми предизвикани од жештините, пред сè во земјите со пониски и средни приходи како Индија и Пакистан.
Здравствените експерти предупредуваат дека екстремните горештини претставуваат директна закана за безбедноста на пациентите. За време на топлотните бранови во болниците редовно расте приливот на постари лица со дехидратација, колапс или влошување на хроничните срцеви и бубрежни заболувања, што го отежнува лекувањето во услови кога телото не може самостојно да ја регулира сопствената температура.



