ЦЕЛ ДРАМСКИ МИ ПЕЕШЕ „СРЕЌЕН РОДЕНДЕН“, ТОА НИКОГАШ НЕМА ДА ГО ЗАБОРАВАМ, ВЕЛИ РЕЖИСЕРОТ КОЛЕ АНГЕЛОВСКИ ЗА 80. РОДЕНДЕН

    ЦЕЛ ДРАМСКИ МИ ПЕЕШЕ „СРЕЌЕН РОДЕНДЕН“, ТОА НИКОГАШ НЕМА ДА ГО ЗАБОРАВАМ, ВЕЛИ РЕЖИСЕРОТ КОЛЕ АНГЕЛОВСКИ ЗА 80. РОДЕНДЕНАнгеловски со колегите од Драмски на вчерашното славење на јубилејниот 80. роденден. (Фото: Драмски театар)

    Вчерашниот ден ми беше прекрасен и премногу, премногу возбудлив, вели режисерот Коле Ангеловски, кој вчера го прослави 80. роденден во неговиот матичен  Драмски театар. Ангеловски, еден од доајените на македонскиот театар и филм, кој сѐ уште е активен на театарската сцена, периодов во Драмски ја подготвува новата претстава „Тие се сакаа“ со Трајанка Илиева и Игор Стојчевски, и верува дека и таа ќе биде хит.

    Денот така и му почнал, со проба за претставата, и вели дека не ни можел да претпостави дека до вечерта ќе му се случат многу убави работи.

    „Само што завршив со пробата, се упатив во фојаето на Драмски, каде скоро сите директори на театрите во Македонија имаа состанок за Фестивалот ‘Војдан Чернодрински’. Кога ме видоа, сите станаа и со аплауз и со прегратки ми честитаа роденден“, ни рече Ангеловски.

    Вечерта на редовниот репертоар на Драмски била закажана претставата „Птица со главата меѓу нозе“, по негов текст и режија, иако вели, човекот кој го прави репертоарот не ни знаел дека на 14 март му е роденден. Салонот бил полн.

    „Во публика имаше и средношколци од гимназија во Кавадарци, а на нас коса ни се дига кога има средношколска публика, оти им ѕвонат телефоните, муабетат гласно. Но, овие ученици беа прекрасни, прекрасни, немам зборови. Воспитани, со големо внимание ја следеа претставата, со аплауз реагираа на сцените на кои треба да се реагира. Јас седев во ложата и кога заврши претставата, излезе Благоја Чоревски на сцена и на публиката ѝ рече: ‘Денес на нашиот режисер му е роденден’. Тоа што се случи, немам зборови да го опишам. Цела сала, ама цела сала стана да ми пее ‘Среќен роденден’. Такво нешто не сум дожиевал за овие мои 80 години живот и 60 години театарска кариера. После тоа во фоајето, ново изненадување, се собравме колегите и со торта и закуски ја заокруживме вечерта“, рече режисерот.

    „Имав преубав ден“, вели Ангеловски. (Фото: Драмски театар)

    Ангеловски додава дека 14 март се слави како празник на Света Евдокија и според верувањата, што ќе ти се случи на тој ден, таква ќе ти биде годината.

    „Значи, мене ќе ми биде прекрасна годината“, вели тој.

    Никола Ангеловски-Коле (1943) е филмски, телевизиски и театарски актер и режисер, сценарист и драматург. Првите актерски улоги ги има уште како дете, во детската радиодрама и детскиот куклен театар, но, на филм дебитира во 1962 во југословенскиот филм „Саша“ на Раденко Остоиќ. Дипломирал актерство на Академијата за театар, филм, радио и телевизија во Белград, а од 1967 , па сѐ до пензионирањето работи во Драмскиот театар во Скопје.

    Добитник е на голем број награди за своите филмови и улоги – филмски и театарски – и покрај Петре Прличко и Илија Џувалековски, е еден од македонските актери кој остварил најголем број улоги во југословенската кинематографија, покрај домашната, македонската. „Битката на Неретва“, „Жед“, „Лито виловито“, „Да се дојде и остане“, „По Коњух планина“, „Македонска крвава свадба“, „Оловна бригада“, „Јужна патека“, „Нели ти реков“, „Собирен центар“, „Црвениот коњ“, „Храненик“ се само неколку од многуте филмови во кои игра Ангеловски.

    Во 1973 го режира својот прв долгометражен игран филм „Татко (Колнати сме, Ирина)“, според романот на Живко Чинго, со Велимир Бата Живоиновиќ, Неда Арнериќ и Мето Јовановски во главните улоги, а во 1988 и 2017 година филмските комедии „Викенд на мртовци“ и „Ах, љубов моја“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира