ЦЕЛОСНО ВЕШТАЧКО РАМО ЗА ПАЦИЕНТИ СО ТЕЖОК ИНВАЛИДИТЕТ – НОВА МЕТОДА ВО БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“

    ЦЕЛОСНО ВЕШТАЧКО РАМО ЗА ПАЦИЕНТИ СО ТЕЖОК ИНВАЛИДИТЕТ – НОВА МЕТОДА ВО БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“По првите три операции за вградување реверзна ендопротеза на рамо, во наредните недели хирурзите од Градската општа болница „8 Септември“ ќе направат уште неколку (Фото: ГОБ „8 Септември“)

    Во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје се изведени три операции за вградување на целосна протеза на рамо, односно за вградување реверзна ендопротеза. Од болницата велат дека ова се првите вакви хируршки зафати изведени во Македонија, бидејќи досега се вградувале само делумни и анатомски протези на рамо.

    Директорот на „8 Септември“ д-р Кристијан Костов, вели дека со изведување на овие операции практично ги комплетирале хируршките методи во ортопедијата бидејќи во текот на овој месец хирурзите од одделот за ортопедија изведоа и неколку хируршки зафати за вградување на парцијални ендопротези на колена.

    „Во Македонија ова е прва операција на вградување на реверзна ендопротеза и таа како зафат е мошне комплексна за изведување, а и самата протеза е скапа. Вакви зафати се применуваат кај пациенти кај кои другите хируршки зафати или конзервативно лекување не даваат резултат, односно кај пациенти со тежок инвалидитет“, вели д-р Костов.

    Тој објаснува дека овие операции на рамото се изведени со стручна помош од нивните колеги од Хрватска.

    Од Градската општа болница „8 Септември“ велат дека овие зафати се прават кај пациенти со тежок инвалидитет, кај кои другите методи на лекување се без успех (Фото: ГОБ „8 Септември“)

    „Операциите ги изведе д-р Ненад Петков, кој во наредниве две до три недели ќе направи уште неколку вакви операции. Протезите што ги имаме ќе бидат доволни до крајот на годината, бидејќи нема многу вакви пациенти. Годишно има од 15 до 20 вакви пациенти, кои досега или беа оставани да живеат без функционална рака или пак одеа на операции во странство, кои чинат и по 30.000 евра“, вели д-р Костов.

    Д-р Ненад Петков, ортопедски хирург во „8 Септември“, вели дека ваква протеза се вградува кај пациенти со артроза или кај пациенти со скршеници на рамото, кога е целосно оштетена р’скавицата на рамото и мускулатурата околу рамениот зглоб.

    „Кога има вакви оштетувања и на р’скавицата на рамото и на мускулатурата делумните протези не помагаат, а не е возможна ниту остеосинтеза, односно обид да се зачува зглобот на пациентот“, вели д-р Петков.

    На 22 и 23 февруари, заедно со д-р Хрвоје Питловиќ од општата болница „Д-р Јосип Бенчевиќ“ од Славонски Брод, Хрватска, направиле три вакви операции. Две од операциите се направени кај пациенти со артроза, а една кај пациентка на која пред  година и пол ѝ било скршено рамото во сообраќајна несреќа. Обидот кај оваа пациентка скршеницата да се лекува конзервативно, односно коските сами да зараснат, бил неуспешен. Првата операција ја направил хирургот од Хрватска, а другите две д-р Петков.

    Д-р Хрвоје Питловиќ од Хрватска (лево) и д-р Ненад Петков од „8 Септември“ (Фото: ГОБ „8 Септември“)

    „Жената на која ѝ беше скршено рамото во сообраќајка имаше тежок инвалидитет. Со вградување на оваа протеза доби целосно функционален зглоб и сега ќе има квалитетен живот без болка. Ова е долготрајно решение особено за повозрасните пациенти, кои имаат вакви проблеми. Досега кај нас  во „8 Септември“ се ставаа само делумни протези, кога се менува само една компонента од рамениот зглоб. Вградување на реверзна ендопротеза на рамо во светот веќе 15 години е рутинска операција“, вели д-р Петков

    Ортопедот Петков бил на на едукација во Германија и во САД. Тој вели дека се надева оти овие операции на вградување ќе станат рутински и во Македонија. Вакви зафати кај пациенти со артроза, како што вели д-р Петков, не се итни, односно овие пациенти може да чекаат одредено време, но не и предолго. Кај скршениците пак, зависно од видот на траумата, мора веднаш да се интервенира.

    „Овие зафати ретко се прават кај помлада популација, бидејќи кај помлади пациенти ретко има целосно оштетување на мускулатурата и кај нив подобро е да се употреби анатомска протеза. Кај скршеници треба да се направи обид да се зачува природниот зглоб, бидејќи и најдобрата протеза има рок на траење, обично е 15-ина години. Ако се стави протеза кај помлад пациент во текот на животот таа ќе треба повторно да се менува“, вели д-р Петков.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира