Шест подземни простории, девет тунели и речиси 3.000 тони ископана земја откриваат нови детали за историјата на „Аја Софија“ во Истанбул. За време на реставраторските истражувања откриени се подземни премини, антички системи за водоснабдување и архитектонски остатоци, кои можеби потекнуваат од периодот пред изградбата на црквата во 6. век.
Работниците досега исчистиле 420 метри подземни тунели, додека турските власти размислуваат дел од премините да ги отворат за посетителите, нудејќи им нова перспектива за историјата на византиски Константинопол.
Турската телевизиска мрежа „Си-Ен-Ен Турција“ објави снимки на кои се прикажани подземните премини и работите што се изведуваат во просториите кои со векови останале затрупани под земја. Според податоците што ги соопшти турскиот министер за култура и туризам, Мехмет Нури Ерсој, од две области на споменикот, Везирската градина и Западната градина, биле отстранети речиси 3.000 тони земја и други насипни материјали.
Работите се дел од обемната програма за конзервација и реставрација, која турските власти ја опишуваат како најголема преземена интервенција на „Аја Софија“ од основањето на Република Турција.
Едно од најзначајните откритија е направено во подземна погребна градба, позната како хипогеум, во областа на Везирската градина. Ерсој кажа дека работниците ископале до длабочина од 1,5 метри под нивото на подот, кој бил покриен со кал, при што откриле докази за постара фаза на изградба.
Откритието има особено историско значење бидејќи денешната „Аја Софија“ била изградена во времето на византискиот император Јустинијан Први, во периодот од 532 до 537 година, на местото на претходни христијански цркви.
Сепак, сè уште не е утврден точниот датум на новооткриените остатоци. Прашањето дали тие потекнуваат од период пред изградбата на денешната црква останува предмет на понатамошни научни истражувања.
Во западната градина на „Аја Софија“ биле идентификувани шест одделни подземни простории, поврзани меѓу себе со девет тунели. Според турскиот министер, три од овие простории најверојатно претставувале подземни делови од некогашниот атриум, односно двор поврзан со црковниот комплекс. Истражувањата продолжуваат и во други области, вклучително и во објекти што наликуваат на издолжени ходници, со ширина од четири до 4,8 метри.
Од деветте тунели, седум веќе се исчистени од насобраниот материјал, додека во преостанатите два се вршат снимања, мерења и документација.
Исчистените делови имаат вкупна должина од 420 метри. Најдолгиот тунел е долг 180 метри и претставува предмет на особен археолошки интерес, бидејќи истражувачите ја испитуваат можноста за негова поврзаност со таканаречениот Римски пат на Константинопол.
Научниците сметаат дека тунелите под „Аја Софија“ биле дел од поширок систем за управување со водите, кој му служел на историскиот Константинопол. Според наодите, некои делови биле користени за дистрибуција на вода и одведување на дождовницата, функции од суштинско значење за заштита и одржување на толку голем архитектонски комплекс.



