Милиони Американци кои вчера отворија весник можеа да видат реклами на цела страница, преку кои што тутунските компании им признаа на читателите дека пушењето убива, а цигарите предизвикуваат зависност.
Компаниите, исто така, ќе плаќаат за телевизиски реклами со иста порака во времетраење од 30-45 секунди, што цела година ќе се емитуваат во ударен термин на најголемите ТВ-мрежи, пет вечери неделно.
„Повеќе луѓе умираат секоја година од пушењето, отколку од убиства, СИДА, самоубиства, дроги, сообраќајни несреќи и од алкохол заедно. Пушењето е силно зависно. Никотинот е состојката во цигарите што предизвикува зависност. Кога пушите, никотинот го менува мозокот и затоа откажувањето е толку тешко“, стои во огласот.
Ваквите огласи беа наредени од Федералниот суд на САД и доаѓаат по 19-годишна правна битка со Министерството за правда.
Огласите ќе се објавуваат во 50 големи весници, во пет недели во периодот од ноември до март, а ќе добијат простор и на ударно место на нивните интернет-страници.
Тие ќе бидат платени од тутунските гиганти „Филип Морис“, „Алтрија“, „Ар Џеј Рејнолдс“ и „Лорилард“.