УЧИЛИШТЕТО „ТРАЈКО АНДРЕЕВ“ ВО ВЕЛЕС ВЕЌЕ НЕ ПОСТОИ, НО БИВШИТЕ ВРАБОТЕНИ СЕ СОБИРААТ ЗА ПАТРОНАТОТ

    УЧИЛИШТЕТО „ТРАЈКО АНДРЕЕВ“ ВО ВЕЛЕС ВЕЌЕ НЕ ПОСТОИ, НО БИВШИТЕ ВРАБОТЕНИ СЕ СОБИРААТ ЗА ПАТРОНАТОТСите истакнуваат дека ОУ „Трајко Андреев“ беше прекрасен колектив за работа. (Фото: СДК.МК)

    Дваесет и шест поранешни професори од ОУ „Трајко Андреев“, кое веќе не постои, се собраа да го одбележат патрониот празник, 17 октомври. Некои се уште активни во образовниот процес, други пензионери, но заедно ги споделија спомените од ова училиште, кое се наоѓаше во месноста Дворови.

    Училиштето „Трајко Андреев се наоѓаше во месноста Дворови. (Фото: СДК.МК)

    Организатор беше Вера Гајдова, која целиот работен век го поминала во ова училиште, 24 години како професор по македонска книжевност и 16 како директор. Вели, кога дознале дека ќе се собираат пензионерите од училиштето, се јавиле и сега активни колеги и така се случи овој собир.

    „За училиштето нѐ поврзуваат најубави спомени. Нѐ красеше другарство, прекрасен колектив за работа, вработените настојуваа максимално со своите сили и знаења да ги образуваат и воспитаат децата. Никој со никого не беше скаран, немаше лош збор кажано. Бевме едно големо семејство“, се присети Гајдова.

    Тука беше и Еленица Софијанова, која сега е професор на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, на Економскиот и Земјоделскиот факултет.

    „Моите први чекори во образовниот процес беа во ‘Трајко Андреев‘ како одделенски наставник. Сѐ што научив за работата во тој период научив од овие колеги и многу ми е драго што пак се собравме“, кажа Софијанова.

    Ленче Стојанова е сѐ уште активна како психолог во ОУ „Блаже Конески“, кон кое беше припоено „Трајко Андреев“.

    „Имам незаборавни спомени за колективот. Поминавме многу убави моменти, што може да се види од ова бројно присуство. Честитки за колешката Вера Гајдова, која реши да нѐ собере за патронатот“, вели Стојанова.

    На прашањето дали може да направи паралела на тогашните ученици и денешните, таа вели „деца се деца“, но можеби со новата технологија се потемпераментни.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира