УНИЦЕФ СЛАВИ 75 ГОДИНИ – ПРВАТА ПОМОШ ЗА ДЕЦАТА ВО МАКЕДОНИЈА ЈА ИСПРАТИ УШТЕ ВО 1947

    УНИЦЕФ СЛАВИ 75 ГОДИНИ – ПРВАТА ПОМОШ ЗА ДЕЦАТА ВО МАКЕДОНИЈА ЈА ИСПРАТИ УШТЕ ВО 1947УНИЦЕФ денес создава долгорочни развојни програми, со цел да се унапредат правата на децата и нивната благосостојба

    Американката Кетрин Расел е именувана за нова извршна директорка на УНИЦЕФ, додека светската организација за децата одбележува 75 години од основањето. Расел е осма личност на оваа функција досега и четврта жена.

    Оформен на 11 декември 1946 во Њујорк за да одговори на критичните потреби на децата по Втората светска војна, УНИЦЕФ денес креира долгорочни развојни програми, со цел да се унапредат правата на децата и нивната благосостојба и да се обезбеди побезбедна и поздрава средина за нив.

    УНИЦЕФ имаше активности во Македонија од самите свои почетоци:

    • Првата помош што УНИЦЕФ ја испрати за децата во земјата, тогаш во рамките на Југославија, беше во август 1947 и се состоеше од облека, чевли, сапун и други неопходни материјали.
    • Во 1950-ите работеше со владата на подобрувањето на снабдувањето со млеко и увезе опрема за поддршка на националниот план за конзервирање на млекото, како резултат на што над 800.000 деца и мајки добиваа безбедно, здраво млеко, бесплатно или по многу ниска цена.
    • Во 1957 започна иницијатива за формирање на националниот Завод за здравствена заштита на мајки и деца во Скопје. Во тоа време, стапката на детска смртност изнесуваше 138,6 на 1.000 живородени деца.
    • Во 1963 ги поддржа напорите за помош по трагичниот земјотрес во Скопје.
    • Од 1993, кога отвори канцеларија во самостојна Македонија, УНИЦЕФ отсекогаш беше меѓу првите кои обезбедуваа поддршка за децата во време на криза и работеше со партнерите за секое дете да ги ужива сите права.

    Оваа недела, УНИЦЕФ започна нова студија за мултидимензионална детска сиромаштија во Македонија, истакнувајќи дека лишеноста од образование, ран детски развој, исхрана, безбедност, љубов и грижа се главните фактори што придонесуваат за неа.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира