ВАРДАР Е НАЈУБАВ КАЈ ДЕМИР КАПИЈА, ВЕЛИ КАЈАКАРОТ ВЛАДО СТОЈАНОВСКИ ЕДИНСТВЕН УЧЕСНИК НА СИТЕ 22 РЕГАТИ ПО РЕКАТА

    ВАРДАР Е НАЈУБАВ КАЈ ДЕМИР КАПИЈА, ВЕЛИ КАЈАКАРОТ ВЛАДО СТОЈАНОВСКИ ЕДИНСТВЕН УЧЕСНИК НА СИТЕ 22 РЕГАТИ ПО РЕКАТАСтојановски е дел од регатата уште од 1980-тите години, кога по Вардар кон Гевгелија тргна првите „гемиџии“. (Фото: СДК.МК)

    Велешанецот Владо Стојановски е единствениот учесник на сите досега одржани 22 регати по реката Вардар. Тој пловеше и на последната, која се одржа по три години пауза. Неговите спомени започнуваат уште од 1980-тите години, кога по Вардар кон Гевгелија тргна првите „гемиџии“.

    „Минаа години откако тргнавме за Гевгелија, точно 42. Како кајакари често веславме до Гевгелија, но само со кајаци. Назад со вечерниот воз, со поштенскиот вагон ги ставаме чамците и се враќавме дома, за Велес. Подоцна се роди идејата не само ние кајакарите, туку и велешани да ја видат убавината на реката Вардар. Иницијатор беше тогашниот директор на хотел ‘Интернационал’ Боре Алчев, голем вљубеник во кајакот. Тргнавме да ја испитаме трасата, каде да се ноќева, колку дена ќе се плови, која е брзината на реката, за да може да ги прецизираме етапите“, вели Стојановски, кој е дипломиран правник, а работниот век го мина во велешката Топилница.

    Истражувањата на реката покажале дека најдобро е да се плови четири дена, со прекини и ноќевања во Градско, Демир Капија, Марвинци и за крај до Гевгелија. Таа рута остана и после четири децении и е важечка до денес. Со голема радост зборува за убавините на Вардар.

    „Реката е најубава кај клисурата Демир Капија, тука е најбрза, најмоќна. Угоре високите карпи, каде се гнездат орлите, ехото кое не може да се доживее на друго место. Тоа е убавина. Последната етапа од регатата од 11 километри иако е најкратка, од Марвинци до Гевгелија, е многу тешка за веслање. Тука Вардар е разлеан плиток и тешко се плови, реката е бавна. Но и кога ќе стигнеме до Гевгелија потребно е време да се собере опремата, чамците да се издишат и тоа одзема време, па враќање до Велес“, додава Стојановски.

    Објаснува дека во првите години не добивале ниту динар за организацијата, храната ја обезбедувале преку тогаш моќните велешки претпријатија.

    „Добивавме од сите по нешто, ама на крај сите учесници задоволни. Спиевме покрај Вардар кај ќе стасаме. Имавме и години кога гости ни беа Словаци. Потоа, 17 години имаше неприродно долга пауза. Потоа од 2010 ја обновивме и сега се одржува освен поради пандемијата со ковид“, вели Стојановски.
    Тој, како и други учесници во Вардарската регата со долг стаж, има една желба која засега е тешко остварлива – со чамците да пловат до Солун.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира