Тогаш кога солзите сами течат, во Велес имало случаи на гробот од покојниот да се пее, да се свири и да се игра. Не од радост, туку да се исполни аманетот, последната желба на починатиот. Ако за артистот е вообичаено да биде испратен со аплауз, тогаш за музичарите не е чудо што на нивниот погреб има музика. Ваков случај е забележан на погребот на Евгенија, мајката на реномираниот македонски композитор на класични дела,велешанецот Стефан Гајдов. Нејзе ја испратиле со песна и тоа со „Ајде слушај, случај, калеш бре Анѓо“.
„Евгенија, мајка му на Стефан Гајдов, ја памтиме како голема песнопојка, музички неписмена, но многу музички надарена. Многу убаво пееше, омилена песна и беше ‘Ајде слушај, слушај, калеш бре Анѓо’. Кога Евгенија почина во 1952 година, беше погребана со блех музика. Свиреше пожарникарско-милиционерско друштво од Велес. Беше чудо во тоа време, блех музика на погреб. Тоа се случило прв пат во градот“, се сеќава Благој Гајдов, нејзин внук од син.
Постарите велешани неа ја помнат и како одлична играорка и таа била меѓу подобрите во тоа време. Уште една велешанка заминала во вечниот спокој со музика. Тоа била Анисија Виларова, која била голема играорка. На гробиштата од црквата „Св. Пантелејмон“ Анисија била испратена со музика и оро. Друг момент, кој е запишан во градската историја е заминувањето на прославениот чалгаџија, виолинистот Ало Тончов. Пензионираниот чалгаџија Шеро Асанов е сведок на овој настан и директен учесник во свирката.
„Додека крај пресниот гроб сите плачеа, ние свиревме за последен поздрав на нашиот виолинист Ало Тончов, оти таков аманет ни остави, на погребот да му свири чалгијата. Иако сите плачеа, а и нам солзите ни беа во очите, моравме да свириме. Чалгијата свиреше, ама немаше виолина оти почина Ало, а тој свиреше токму на тој инструмент“, се присетува Асанов, кој свирел на жичениот инструмент уд.
И на таткото на Ало, Јован Тончов, исто така кларинетист, во 1952 на гроб му свирела чалгија. Во 1930-те години, Петар Ѕиков, познат велешки трговец, татко на сопственикот на локалното кино Трајко Ѕиката, оставил аманет до 40-дневниот помен на гроб да му пее Васил дајреџијата, запишано е во градските книги. Браќата Ивчеви исто се погребани со музика.
„И двајцата биле големи играорци. Дедо ми Перо во 1969, се сеќавам, го погребаа со музика, а на брат му Славејко му играле и оро. И двајцата кога се пеело и играло, биле меѓу првите. Затоа, побарале по смртта да бидат испратени со песна наместо со солзи, таа била нивниот живот“, вели внукот Ристо Ивчев – Картушот.
Последен ваков случај беше пред две години, кога Илија Чадиев, извидник и бизнисмен, по негова желба беше погребан со песна од Велешката чалгија.
П. ПЕЧКОВ