ВЕЛЕШКАТА КАСАРНА ЈА СОЧУВА ФРЕСКАТА „СУТЈЕСКА“ НА БОРКО ЛАЗЕСКИ

    ВЕЛЕШКАТА КАСАРНА ЈА СОЧУВА ФРЕСКАТА „СУТЈЕСКА“ НА БОРКО ЛАЗЕСКИФреската „Сутјеска“ се наоѓа на ѕидот од Спомен собата на НОВ во касарната „Алексо Демниевски  Баиман“ и е насликана во 1971 (Фото: СДК.МК)

    Фреската „Сутјеска“, монументално дело на Борко Лазески насликано на 12,5 метри квадратни, се наоѓа во велешката касарна. Тоа е скриено од очите на јавноста, подзаборавено , но одлично сочувано и згрижено. Се наоѓа на ѕидот од  Спомен собата од НОБ во касарна „Алексо Демниевски Бауман“. Фреската е со мотиви на партизанска борба, а авторот ја создал во 1971.

    „Фреската ’Сутјеска’  е со мотив на јуриш на партизаните врз непријателот. При работата применета е посткубистичка градба на формите, со извесни експресионистички и футуристички  моменти. Фигурите  и формите се предадени со видлива упростеност, со здржан и претежно ладен колорит. Иако тоа е тематски ангажирано дело, се чувствува едно помодерно  преставување во ликовната форма на тема од НОВ. Ова  е значајно дело  од монументалното сликарство на Лазески“, вели Елица Николова, историчар на уметноста и виш кустос при Народниот музеј од Велес.

    Фреската е со димензии пет на два и пол метри , а може да го видат гостите во овој воен објект, каде се одржуваат приеми и разни свечености по повод значајни датуми од воената историја на касарната.

    „Многу важно  за градот, за велешани, за културата, е  што ја имаме оваа фреска која заедно со  мозаикот на Петар Мазев во Спомен костурницата се единствени од овој тип во Велес и непроценливо богатство, тоа се монументални дела. Тие се гордоста на градот, аманет за идните поколенија. Но за жал, поради карактерот на објектот, кој е воен, каде е сместена фреската, ограничен е пристапот до неа за поголем број лица, ликовни и сликарски познавачи, но и  за обичните граѓани“, вели Николова.

    Во периодот на 1970-те Лазески создал фрески со теми од НОВ, а прва во низата е создадена во Домот на АРМ, кој е во кругот на касарната во Велес. И додека на сите документи стои дека е  нацртана 1972, авторот при создавањето на неговото дело се потпишал дека е нацртана една година порано 1971. За разлика од „Сутјеска“ која  не е во музејска зграда, неговите други дела се достапни за јавноста. Две фрески се наоѓаат и во Музејот на НОВ за Западна Македонија во Кичево, а последната  изработена од Лазески е во родниот Прилеп, во Музејот „11-ти Октомври“ .

    П. ПЕЧКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира