ВЕЛЕШКИ ПРИКАЗНИ – СВАДБАТА ДОЦНЕЛА ОТИ МАТИЧАРОТ ОТИШОЛ ДА ГЛЕДА РАКОМЕТ, МЛАДЕНЦИТЕ И СВАТОВИТЕ ГО БАРАЛЕ ПРЕКУ РАЗГЛАС

    ВЕЛЕШКИ ПРИКАЗНИ – СВАДБАТА ДОЦНЕЛА ОТИ МАТИЧАРОТ ОТИШОЛ ДА ГЛЕДА РАКОМЕТ, МЛАДЕНЦИТЕ И СВАТОВИТЕ ГО БАРАЛЕ ПРЕКУ РАЗГЛАСМатичарот не дојде веднаш, дочека да се доигра средбата, вели велешанецот Ангел Шалев. (Фото: Приватна архива)

    Во 1967, свадбата на велешанецот Ангел Шалев доцнела оти матичарот го немало во канцеларија – наместо на работно место, тој бил да гледа ракомет, во времето кога во Велес владеела еуфорија по овој спорт, а градскиот клуб Борец настапувал во Првата југословенска лига.

    Шалев (77), раскажува како со чалгија, со невеста напред стигнале до Матичното, кое во тоа време било карши Ловното во центарот на градот, но наишле на непријатно изненадување.

    „Во тоа време немаше толку многу автомобили, па со утринскиот воз и тоа со шинобус од тие старите, правец кон Штип, да ја земеме сопругата Марија. Во класата беа и музичарите, веселба и натаму и кај сопругата дома и назад. Ги завршвиме сите церемонии, се вративме за Велес. Од железничка стасавме и веднаш кон Матичното. По пат од железничка станица кон Матичното, видовме дека на ракометното игралиште, кое беше на Градскиот стадион се игра утакмица. Играа Борец и Медвешчак од Загреб. Борец дома во тоа време беше непобедлив. И големите екипи паѓаа пред нас, Партизан Бања Лука, Партизан Бјеловар, Динамо Панчево, Партизан Белград, првата утакмица таа година со Црвена ѕвезда во Белград победи Борец на тартан подлога“, вели Шалев.

    Се венчавме, и по улица, таков беше адетот, до дома. Сликарот пред нас нè сликаше, оти и тој задоцни на свадбата, немаме фотографија од регистрацијата, вели Шалев. (Фото: Приватна архива)

    Тој вели дека вратата на Матичното била заклучена, иако биле најавени дека ќе се регистрираат на тој ден.

    „Недела беше 15 октомври 1967 година, а тој ден ми е роденден, тогаш славев 23. Некој кажа матичарот е на утакмица. Пративме човек да го бара на стадион. Преку разглас го бараа, Илија се викаше. И додека ние чекаме да дојде, слушаме како публиката се радува. Они викаа ‘гол’ и ние се радуваме, ‘гол’. Матичарот не дојде веднаш, дочека да се доигра средбата, дојде со публиката, река народ, оти минеа тука пред Матично. Првото прашање беше кој победи, кој е резултатот. Ама не се лутевме што чекавме, напротив бевме радосни оти победи Борец, памтам резултатот беше 13:7“, вели Шалев и додава:

    „Се венчавме, и по улица, таков беше адетот, до дома. Сликарот пред нас нè сликаше, оти и тој задоцни на свадбата, немаме фотографија од регистрацијата. Дома си ја направивме свадбата. Работев во Порцеланка. Кога дознаа дека ќе се женам, имаше тогаш во Титов Велес, четири музички состави, сите сакаа да свират на свадбата. Столови, маси земено од комшии, тие и помагаа за подготовка на ручекот. Се играше во дворот. Таква беше традицијата во Велес, мртовец по улица, свадба по улица“, вели Шалев.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира