ВЕРНИЦИ КОРНАТ ПАРЧИЊА ОД ИСУШЕН БРЕСТ ЗА СРЕЌА ВО ЦРКВАТА „СВ. 15“ ВО СТРУМИЦА

    ВЕРНИЦИ КОРНАТ ПАРЧИЊА ОД ИСУШЕН БРЕСТ ЗА СРЕЌА ВО ЦРКВАТА „СВ. 15“ ВО СТРУМИЦАТрупот со дијаметар од 2 метри се наоѓа на археолошките остатоци од црквата „Свети 15 Тивериополски маченици“ во Струмица, а се верува дека е од дрвото што никнало на местото каде што биле обезглавени мачениците (Фото: СДК.МК)

    Трупот од исушен брест, за кој се претпоставува дека никнал  на местото каде биле обезглавени 15-те Тивериополски маченици заштитници на христијанството, уште е привлечен за верниците, оти се верува дека носи среќа и здравје. Овој труп со дијаметар од 2 метри  се наоѓа на археолошките остатоци од истоимената црква во Струмица. Се претпоставува дека е стар 6 века, а своевремено под него течела вода бидејки имало извори. Колку поголемо парче ќе се откине од дрвото со гола рака, толку поголема среќа ќе следи, уверени се струмичани.

    Црквата „Свети 15“ во Струмица (Фото: СДК.МК)

    Отец Димитар Крцев потврдува дека граѓаните, кога доагаат да се молат во овој храм, се обидуваат да земат дел од брестот. Доаѓале и Грци од Кукушко кои знаат дека на тој локалитет во Струмица се убиени 15-те Тивериополски свештеници.

    Брестот има кора од 20 сантиметри и се верува дека е стар 6 века (Фото: СДК.МК)

    „Точно е тоа. Доѓаат и се обидуваат да земат дел од брестот кој никнал на местото каде протекла крвта на 15-те свештеници. Не треба да се верува во дрво, но  верниците се убедени дека има некаква моќ, па се обидуваат со голи прсти да откронат нешто од трупот“, вели отец Крцев, старешина во црквата која е изградена во 1970.

    Фреската во гробницата е од 9 век (Фото: СДК.МК)

    На местото каде се убиени светителите, пронајдени се остатоци од христијански храм со гробници кои денес се археолошки локалитет. Во главната гробница има фреска посветена на 15-те светци. Потекнува  од 9 век и се смета дека таа е најстарата иконска фреска на Балканот и се чува под клуч.

    „До почетокот на минатиот век, локацијата на сегашната црква ‘Св. 15’ било пусто место со два големи бреста. Никој не знаел дека се никнати на остатоци на христијански храм што го граделе самите светители. Пред  Втората светска војна на извесна жена Афродита ѝ се сонило дека 15 луѓе барале помош да бидат откопани. Војската на српскиот генерал Мишковиќ копајки ги открила бедемите на храмот со гробници  но повторно ги потрупале. За возврат, со камен од Вељуса бил изграден параклис каде има натпис ‘Ова е за светите 15 Тивериополски свештеномаченици, посечени од паганскиот цар Јулијан Апостата. Амин’’’, вели  отец Крцев.

    Археолозите ја открија црквата на светителите во центарот на гробницата (Фото: СДК.МК)

    15-те  свештеници  биле епископите Тимотеј и Теодор, монасите проповедници Комасие, Евсевие, Еротеј, Данил, Харитон, свештениците Петар, Јован Сергеј Теодорм, Никифор, ѓаконите Василие и Тома и  монахот Сократ. Тие биле  ученици на апостол Св. Павле и се погубени во ист ден. Според преданието, Најпрво му ја отсекле раката на Петар за да се поколебаат останатите свештеници кои го ширеле христијанството, иако римскиот император Јулијан Апостата се противел. Но откако не се одрекле, сите биле заклани и фрлени.

    Отец Димитар Крцев е старешина во црквата која е изградена во 1970 (Фото: СДК.МК)

    За да се уништи христијанството и моќта на 15-те свештеници, нивните мошти со години  биле пренесувани од едно на друго место поради што и до ден денес не им се знаат гробовите. Единствено се знае дека раката од Петар се наоѓа во специјално депо во  црквата „Св. 15“  во  Кукуш, Грција. Раката заедно со оригиналната  икона на светците, Грците ги однеле од Струмица  во 1913, за време на Балканските војни кога градот бил изгорен до темел.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира