ВЕРНИЦИ ВЕРУВААТ ДЕКА ГИ ДАРУВА СО ДЕЦА ЧУДОТВОРНАТА ИКОНА БОГОРОДИЦА ВО ЦРНО ВО КАЛИШКИОТ МАНАСТИР ВО СТРУГА

    ВЕРНИЦИ ВЕРУВААТ ДЕКА ГИ ДАРУВА СО ДЕЦА ЧУДОТВОРНАТА ИКОНА БОГОРОДИЦА ВО ЦРНО ВО КАЛИШКИОТ МАНАСТИР ВО СТРУГАЕдна од највредните икони во земјава, единствена на Балканот, чудотворната икона Богородица во црно е пронајдена во малата пештерска црква. (Фото: СДК.МК)

    Во струшкото село Калишта, на самиот брег на Охридското Езеро се издигнува манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“, еден од најубавите во земјава, посветен на раѓањето на мајката божја. Сместен во живописната крајезерска природа изобилува со мир, спокој и несекојдневна убавина.

    Калишкиот манастирски комплекс го сочинуваат четири светилишта, две пештерски цркви посветени на Богородица и Атанасиј Велики, и уште две цркви, едната посветена на мајката божја другата на светите апостоли Петар и Павле. За чудата на Калишкиот манастир се слуша надалеку. Овде е една од највредните икони во земјава, единствена на Балканот, чудотворната икона Богородица во црно, пронајдена во малата пештерска црква. Мештаните веруваат и раскажуваат за исцелителната моќ на иконата.

    „Мајката божја исцелува од сите неизлечиви болести, но и ги дарува оние кои не можат да имаат деца. Жени кои немале дечиња молејќи се на пресвета Богородица стануваат мајки, а и многу од мајките доаѓаат тука со своите веќе поголеми деца и потврдуваат дека добиле дете благодарение на молитвите пред иконата“, кажуваат верниците.

    Калишкиот манастирски комплекс го сочинуваат четири светилишта, две пештерски цркви посветени на Богородица и Атанасиј Велики, и уште две цркви, едната посветена на мајката божја другата на светите апостоли Петар и Павле. (Фото: СДК.МК)

    Данче Матова, историчарка на уметност, вели дека 14 век е карактеристичен со многу пештерски цркви во овој дел. Иконата на Пресвета Богородица е пронајдена токму во една од нив.

    „Многу верници го нашле својот спас молејќи се во црквата и на оваа чудотворна икона. И јас имам случај во моето пошироко семејство каде долго време мои роднини немаа деца и молејќи се на иконата на Пресвета Богородица добија деца. И не само тие. Многу верници го нашле спасот на ова прекрасно место“, вели Матова.

    Чудата на иконата се запишани и во манастирските книги, но за нив говорат и преданијата на локалното население. Едно од нив е дека во Втората светска војна фашистите повеќе пати се обидувале да ја потопат иконата, но таа секогаш се ослободува од челичните синџири и се враќала повторно пред манастирот. Денес манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ е спој на духовност и мир, ги плени верниците од сите страни на светот, ги лекува болните, ги исцелува несреќните.

    Во манастирот има и извор со лековита вода. Од под црквата посветена на светите апостоли Петар и Павле извира света вода за која се верува дека со молитва лекува главоболка и болести на очи. Во Калишкиот манастир од 11 век до денес живеат монаси, а култот кон мајката божја се пренесува со векови.

    Во манастирскиот двор се наоѓа чинарот од времето на Цар Самоил, стар 700 години. Духовноста на светилиштето, верувањето во исцелителноста и благословот на мајката божја е вистинска магија и причина за многуте венчавки и крштевки во манастирот.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира