ВО БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“ СЕ ОТВОРА СПЕЦИЈАЛЕН ЦЕНТАР ЗА СПОРТСКИ ПОВРЕДИ

    ВО БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“ СЕ ОТВОРА СПЕЦИЈАЛЕН ЦЕНТАР ЗА СПОРТСКИ ПОВРЕДИВо светот, во секоја поголема болница има вакви специјализирани центри за спортисти, па зошто да немаме и ние - д-р Зоран Несторовски и д-р Ненад Петков се дел од тимот хирурзи, кои ќе работат во Центарот за спортски трауми - (Фото: Ѓ. Личовски)

    Во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје денес се отвора Центар за артроскопија и спорски трауматизам. Со отварањете на овој центар ќе им се овозможи на професионалните спортисти, но и на рекреативците кои имаат спортска повреда да не чекаат термин за дијагноза, туку услугата да ја добијат веднаш, преку посебни термини во системот за електронско закажување „Мој термин“, или преку Ургентниот центар на  болницата.

    Д-р Зоран Несторовски, раководител на Одделението за ортопедија и трауматологија во „8 Септември“, вели дека за отворањето на овој центар се подготвувале подолго време и дека целта е пациентите со спортски повреди побрзо да ја добијат потребната здравствена услуга.

    „Во овој центар потребната здравствена грижа ќе може да ја добијат спортистите кои имаат повреди на колено, рамо, скочен зглоб, како и други мекоткивни повреди. Идејата е повредениот спортист преку матичен лекар да биде насочен тука кај нас, бидејќи ќе има специјално издвоени термини во „Мој термин“ со точно одредени дијагнози. Ова е во случај да има повреди кои не се итни.  Итните случаи пак, како и до сега ќе се примаат преку Ургентниот центар на болницата, кој ќе биде во директна комуникација и со новоотворениот центар за спортски трауматизам.“

    Засега ќе работи само амбуланта, а по преуредувањето една од двете хируршки сали ќе биде на располагање на Центарот за спортски трауми. Одреден број кревети ќе бидат резервирани исклучиво за Центарот за спортски трауми. – (Фото: Ѓ. Личовски)

    Во Центарот, покрај д-р Несторовски за почеток ќе работат и д-р Ненад Петков, ортопедски хирург, како и директорот на „8 Септември д-р Кристијан Костов, кој е хирург – трауматолог.

    Ортопедот д-р Петков, вели дека досега професионалните спортисти избегнувале да дојдат во медицинските центри од јавното здравство токму поради тоа што губат време за да добијат термин за преглед или снимање.

    „Луѓето кои професионално се занимаваат со спорт немаат време да губат на процедури и административни работи, бидејќи нивната физичка способност им е важна за егзистенцијата. Сега за прв пат во Македонија, во јавна здравствена установа ќе има специјализиран центар за нивните потреби, во кој брзо ќе можат да добијат дијагноза, па ако треба и хируршка интервенција“, вели д-р Петков.

    Тој вели дека идејата на тимот е овој центар да биде сличен на центрите за спортски трауми какви што има во развиените земји во кои професионалните спортисти добиваат посебен медицински третман. Самиот Петков бил на едногодишна обука во Болницата на Универзитетот Калифорнија во Лос Анџелес, каде што има ваков центар за артроскопија и спортска траума во кој специјалистите работат исклучиво на артроскопски третман на спортски повреди.

    „Во светот, во секоја поголема болница има вакви специјализирани центри за спортисти, па зошто да немаме и ние“, вели д-р Петков.

    Центарот е сместен во просториите на поранешна Воена болница, што до пред две години Министерството за здравство ги  имаше изнајмено на приватната болница „Филип Втори“ на д-р Жан Митрев. Овој простор болницата „8 септември“ како наследник на Воената болница годинава си го врати со одлука на Владата. Засега ќе работи само амбуланта, а по преуредувањето една од двете хируршки сали ќе биде на располагање на Центарот за спортски трауми. Одреден број кревети ќе бидат резервирани исклучиво за Центарот за спортски трауми во новиот болнички оддел.

    Освен преку „Мој термин“ и Ургентниот центар во „8 Септември“, спортистите ќе можат да побараат лекарска интервенција и преку спортските федерации.

    „Испративме циркуларно писмо до сите спортски федерации со кое ги известивме дека отсега нивните спортисти ќе можат да сметаат на здравствените услуги во нашата болница со концентрирана стручна медицинска помош што ќе ја добијат во специјализираниот центар“, вели д-р Зоран Несторовски.

    Освен преку „Мој термин“ и Ургентниот центар на болницата, спортистите ќе можат да побараат лекарска интервенција и преку спортските федерации – амбулантата на Центарот за спортски трауми во ГОБ „8 Септември“ – (фото: Ѓ. Личовски)

    Лекарите од овој центар имаат долгогодишно искуство во третман на вакви повреди, кои освен професионални спортисти може да ги добијат и другите луѓе.

    „Тенденција е третманот на спортските повреди, особено артрскопските да биде со таканаречена еднодневна хирургија, односно пациентот да го добие потребниот зафат без хоспитализација. Тоа значи дека операциите што овде ги правиме се со минимално инвазивна хирургија, што не бара долготрајно задржување на пациентот во болница“, вели д-р Петков.

     

    Е.БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари