ВО ТАНГОТО СЕ ВАЖНИ ЧУВСТВАТА, ВЕЛИ ИТАЛИЈАНСКАТА КОРЕОГРАФКА БОСКО ПРЕД ПРЕМИЕРАТА НА БАЛЕТОТ „ЛИБЕРТАНГО“ ВО МОБ СО ПРИМАБАЛЕРИНАТА МИЈАЛКОВА И ПРВЕНКАТА ПОП-АЛЕКСОВА АТАНАСОВСКА

    ВО ТАНГОТО СЕ ВАЖНИ ЧУВСТВАТА, ВЕЛИ ИТАЛИЈАНСКАТА КОРЕОГРАФКА БОСКО  ПРЕД ПРЕМИЕРАТА НА БАЛЕТОТ „ЛИБЕРТАНГО“ ВО МОБ СО ПРИМАБАЛЕРИНАТА МИЈАЛКОВА И ПРВЕНКАТА ПОП-АЛЕКСОВА АТАНАСОВСКАИталијанската кореографка Сабрина Боско и примабалерината Александра Мијалкова, која ја игра мајката на Пјацола, Асунта на проба за балетската претстава „Либертанго“ во МОБ (Фото: Ѓ. Личовски)

    „Либертанго“ е претстава за животот на најдобриот композитор за танго, Астор Пјацола, кој го презентирал овој танцот дека не е само форма за пополнување на слободно време, туку начин на изразување на сопствените и чувствата на партнерот, вели италијанската кореографка Сабрина Боско, пред премиерата на модерниот балет „Либертанго“ во Македонската опера и балет, на 14 јуни.

    Екипата на САКАМДАКАЖАМ.МК присуствуваше на една од пробите на „Либертанго“, претстава која се подготвува од април, според либрето и режија на Наташа Поплавска, и асистентите кореографи Горан Божинов и Олга Панго.

    Игра голема екипа првенци, солисти и ансамблот на Балетот, како: примабалерината Александра Мијалкова, Васил Чичијашвили, Мими Поп Алексова- Атанасовска, Игор Веланоски, Наташа Јосифовска, Марија Јосифовска-Ристовска. Сценографијата и костимите се на Александар Ношпал.

    „Тангото е среќа, голема љубов, внатрешни чувства и во оваа музика можам да ги вклопам моите најинтимни емоции“, вели кореографката (Фото: Ѓ. Личовски)

    Боско е реномирана кореографка, која по дипломирањето како балетска танчарка на Академијата за танц во Торино, работела во Германската опера во Берлин.

    По враќањето во Италија, потпишува договор со Танцовиот ансамбл на театарот „Нуово“ во Торино, каде ја почнува својата професионална кариера, со настапи и во класичниот репертоар и во неокласичните и во современите кореографии.

    Низ годините работела во повеќе германски театари како солист, а од 2003 година се вработува во Народната опера во Виена како балет-мајстор, од 2004 – 2006 година преминува во Државната опера во Виена како балет мајстор, а од 2006 година се сели во Операта во Рим. Од септември 2017 година е балет-мајстор во МОБ.

     

    Италијанската кореографка Сабрина Боско и првенката – солист на Балетот, Мими Поп Алексова- Атанасовска на проба за балетската претстава „Либертанго“ во МОБ (Фото: Ѓ. Личовски)

    Боско ни рече дека за првпат во својата кариера работи претстава по музика на Астор Пјацола, и дека имала доволно време да научи за што точно говори неговата музика.

    „Тангото е среќа, голема љубов, внатрешни чувства и во оваа музика можам да ги вклопам моите најинтимни емоции. Имаме одлична соработка со балетската екипа, бидејќи сите заедно дојдовме до ставот и заклучокот дека во тангото не се важни само чекорите, туку она што се чувствува во душата“, кажа Боско.

    МОБ ја најавува „Либертанго“ како приказна која ни го покажува создавањето и патот на тангото. Уличен танц што го достигнува пиедесталот на светската танц-сцена. Танго или танцот на страста, желбата, љубомората, љубовта, привлекувањето.

    „Во почетокот на минатиот век во Аргентина често има прилив на емигранти од Европа, а најмногу од нив биле Италијанци и Шпанци.

    Оваа приказна ни го покажува патот на италијанското семејство Пјацола. Висенте и Асунта, родителите на познатиот композитор Астор Пјацола, кои ја доживуваат Аргентина како земја на нивната иднина.

    Мајката на Астор, Асунта Пјацола е пријателка со познатата италијанска танчарка Каменчита Кармен Калдерон која е една од првите танго-танчарки во Аргентина. Таа е исто така италијанска емигрантка која го развива тангото заедно со другите танчари. Пренесувајќи ги танго-чекорите на Асунта и Висенте Пјацола, тие заедно го развиваат овој танц“, велат од МОБ.

    Боско вели дека за првпат во својата кариера работи претстава по музика на Астор Пјацола, и дека имала доволно време да научи за што точно говори неговата музика (Фото: Ѓ. Личовски)

    Низ тешкиот живот на емигрантите во Аргентина гледаме како Астор со својот мал банденеон, уште како дете почнува да ужива во танго-нотите, во џез-музиката како и во класичната музика. Растејќи по улиците на Буенос Аирес, поддржан од родителите, сè повеќе се вљубува во музиката.

    „Живеејќи меѓу улицата, клубот, музиката и танцот, класиката, џезот, универзитетот и талентот, помеѓу Буенос Аирес и Париз, Астор Пјацола ја создава една од најубавите танго-композиции на 20 век, ‘Либертанго’“, вели екипата од МОБ.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира