ЗА БЕСПАРИ ГО ОДРЖУВАМ МАНАСТИРОТ СВЕТИ НИКОЛА ШИШЕВСКИ, САМ НА ГРБ ПО ПЛАНИНАТА КАЧИВ ПЕТ ФРИЖИДЕРИ И ПЕТ ШПОРЕТИ, ВЕЛИ ЗОРАН ГЕОРГИЕВСКИ ОД ШИШЕВО

    ЗА БЕСПАРИ ГО ОДРЖУВАМ МАНАСТИРОТ СВЕТИ НИКОЛА ШИШЕВСКИ, САМ НА ГРБ ПО ПЛАНИНАТА КАЧИВ ПЕТ ФРИЖИДЕРИ И ПЕТ ШПОРЕТИ, ВЕЛИ ЗОРАН ГЕОРГИЕВСКИ ОД ШИШЕВОЗоран Георгиевски од скопското село Шишево секој викенд се качува од реката Треска, близу до кањонот Матка до манастирот Свети Никола Шишевски кој го одржува без никаков надомест. (Фото: СДК.МК)

    Од 1989 година, Зоран Георгиевски од скопското село Шишево секој викенд се качува од реката Треска, близу до кањонот Матка до манастирот Свети Никола Шишевски кој го одржува без никаков надомест. Георгиевски продава пијалаци и ги служи луѓето кои се дојдени на излет. Често знае и да ги почести со месо или салата. Парите од пијалоците не ги зема за него, туку ги инвестира во одржување на црквата.

    Тој работи како хаусмајстор во основното училиште „Вера Циривири- Трена“ во Карпош. Секое утро, тргнува на работа со велосипед од Шишево до Карпош, во 4. За викендите, тој е на своето омилено место, на Шишевски, веќе спријателен со редовните посетители.

    Зоран Георгиевски ги служи со кафиња редовните излетници околу манастирот секоја викенд (Фото: СДК.МК)

    „Досега имам качено пет шпорети и пет фрижидери на грб, нема друг начин. Еднаш се имам качено 17 пати во текот на еден викенд. Од долу, утрово се качив за еден час и десет минути со еден пакет пиво, три литри ракија и три килограми компири. Прво почнав да се планинарам до тука рекреативно. Кога првпат дојдов, се вљубив во местово. Ги немаше клупите, немаше летниковци ниту тоалет, само манастирот. Сето тоа го градев самиот, пополека. До 1978 година, местово го одржувал еден Албанец од селото долу, Руфа се викал и не дозволувал да се исече ниту едно дрво ниту да се пали оган. Подоцна, со помош на луѓето од Шишево изградив три соби за спиење тука. Досега можев авион да купам, но не сакам да земам никакви пари за мене“, ни рече Георгиевски.

    Одредена цена за сместување во собите нема, кој колку има, толку остава. И тие пари одат за одржување на манастирот и околината.

    Од реката Треска до манастирот Свети Никола Шишевски, пеш по планината се оди околу еден час и десет минути (Фото: СДК.МК)

    „Има три шпорети за собите, за готвење и за греење. Собите ги изградив од што продавам кафиња, ракија, пиво и сокови. Овде ја учев истријата на манастирот. Слушав дека почнал да се гради во 1225, завршен е во 1336, а во 1460 се сменети фреските. Но, јас во попови и во Митрополија не верувам, верувам само во Господ“, додава Георгиевски додека ги служи со кафе новите гости во летниковците.

    Колку е што е посветен во грижата за излетничкото место, вели дека е посветен и во училиштето.

    „Во 4 наутро тргам со велосипед на работа, го палам котелот пред да дојдат учениците, ги пречекувам децата со музика. Двапати неделно правам дезинфекција. За викенд, пак сум на велосипед кој го оставам долу и се качувам до тука. Не би можел да си го замислам животот поинаку“, ни рече Георгиевски.

    Собите до манастирот кои се изнајмуваат немаат цена, кој колку остави- толку (Фото: СДК.МК)

    Излетниците кои редовно доаѓаат на ова место велат дека многу ретко се случува Зоки да не е дојден да ги пречека. „Без него местово нема душа, а и нема кој да нѐ насмее“, ни рече еден од нив.

    М. ЏАРОВСКА

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира