Американски патнички авион кој летал на релацијата Сиетл-Далас бил принуден да се врати назад по неколку часови лет, откако човечко срце останало во него.
„Саутвест ерлајнс“ соопшти дека органот пристигнал во Сиетл од Калифорнија за потребите на една болница, но никогаш не бил истоварен и го забележале кога авионот веќе бил на половина пат за Далас. Срцето не било наменето за одреден пациент.
Како што објавија локалните медиуми, патниците биле шокирани кога пилотот ги известил за заборавениот товар и дека поради тоа ќе мора да се вратат во Сиетл. Авионот во тие моменти веќе бил три часа во воздух, поради што постоела опасност срцето да стане неупотребливо за трансплантација.
„Ова е ужасна приказна за голема небрежност“, изјави еден лекар кој бил меѓу патниците.
По враќањето во Сиетл, срцето било однесено во центар за донирани органи и, според извештаите, тоа било изведено во рамките на потребниот временски рок.