И ЖИЧНИЦАТА НА ПЕЛИСТЕР НОСИ ТУЛИ ЗА „КОПАНКИ“

    И ЖИЧНИЦАТА НА ПЕЛИСТЕР НОСИ ТУЛИ ЗА „КОПАНКИ“До теренот каде се наоѓа опожарениот планинарски дом, не води асфалтен пат, па тулите, цементот и другите материјали се транспортираат со помош на жичницата. (Фото: ПСК „Пелистер“)

    Секој викенд, наутро во седум и половина часот, во Нова Битола се збира група битолски ентузијасти подготвени со сопствените раце од пепелта да го подигнат планинарскиот дом „Копанки“. Се упатуваат кон националниот парк Пелистер и со помош на жичницата ги пренесуваат градежните материјали набавени со донации.

    До теренот каде се наоѓа опожарениот планинарски дом, не води асфалтен пат, па тулите, цементот и другите материјали се транспортираат со помош на жичницата. Таа не работи преку лето, но за потребите на обновата на домот ги заврте двоседните корпи. Едни доброволци товарат долу на стартот од ски патеката на надморска височина од 1400 метри, а други ги пречекуваат материјалите горе на оддалеченост од 680 метри, на надморска височина од 1610 метри.

    „Прибираме материјали и ги транспортираме со помош на жичницата. Ќе одиме со градба сѐ додека имаме материјали. Секој викенд во седум часот пред Горното Веро се собираат луѓе од клубот и доброволци кои сакаат да помогнат и се оди горе да се работи. Акциите ќе продолжат во текот на целата градежна сезона“, вели Влатко Крбалески, планинар од ПСК „Пелистер“.

    Работните акции насловени како „Сите за Копанки, Копанки за сите“ започнаа на иницијатива на Планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“, кој стопанисува со домот што изгоре пред пет години. ПСК „Пелистер“ на својата Фејсбук страница објави и жиро сметка за сите битолчани, планинари и други доброволци да ја помогнат обновата.

    Акцијата се потегна по пет години откако домот изгоре во голем пожар. Покрај изградбата во изминатите денови се одвиваше и писмена кореспонденција меѓу планинарскиот клуб и Општина Битола. Општината соопшти дека ќе даде 100 000 евра за обнова на домот, па го повикаа планинарското друштво да продолжат разговорите. Општината бара да им се отстапи сопственоста под услови прифатливи за ПСК „Пелистер“ како би можеле целосно финансиски да го обноват зашто вака немаат законски основ да вложуваат.

    Во меѓувреме и Ски клубот „Пелистер“ побара ревизија на приватизацијата на домот. Тие побараа да отворат сите постапки како Планинарско-спортското друштво „Пелистер“ стекна право на сопственост на планинарскиот дом „Копанки“, додавајќи дека се неправедно изоставени од процесите на трансформација и право на користење на сите инфраструктурни објекти во ски центарот „Копанки“.

    По ова, со соопштение се огласи Планинарско – спортскиот клуб „Пелистер“ истакувавјќи дека и покрај тоа што поседуваат неспорен правен континуитет и целосна документација за имотот на клубот, не се сопственици во смисол на кој што некои го посакуваат, туку само негови чувари. Вистинските сопственици, посочија тие, се генерациите пред нас, сегашните, но и идните генерации планинари и граѓаните на Битола. Ако не се помогне, додаваат дека сами ќе го обноват домот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира