ЖИВОТОТ МОЖЕ ДА БИДЕ УБАВ И ВО КОЛИЧКА, ВЕЛИ ВАНГЕЛ ТРКАЉАНОВ ПАРАГЛАЈДЕРИСТ СО ПАРАЛИЗА

    ЖИВОТОТ МОЖЕ ДА БИДЕ УБАВ И ВО КОЛИЧКА, ВЕЛИ ВАНГЕЛ ТРКАЉАНОВ ПАРАГЛАЈДЕРИСТ СО ПАРАЛИЗА„Бариерите потекнуваат од нашите размислувања, а потоа од сѐ останато, од општеството и опкружувањето“, вели Вангел Тркаљанов. (Фото: Ѓ.Личовски)

    Лета со параглајдер, скока со падобран, скија, плива, оди на рафтинг, иако веќе 12 години е во инвалидска количка.

    Младиот кочанчанец Вангел Тркаљанов станал лице со попреченост кога имал 21 година, по кобен скок во базен, во кој го скршил вратот. По несреќата му била поставена дијагноза квадриплегија или парализа.

    „Лице со попреченост станав во 2005 година, кога го скршив вратот на одмор по скок во базен. Бев дијагностициран со квадриплегија со фрактура на 5.,6. и 7. вратен пршлен. По несреќата бев две недели во Бугарија, таму ми беше направена првата операција. Потоа една недела бев во болница во Скопје, а потоа на лекување во костозглобната болница во Охрид. Тогаш целото мое семејство се пресели во Охрид. По пет месеци од повредата, решив дека не сакам веќе да останам во болница, оти морав да лежам во тој период. Тогаш им кажав на родителите дека е подобро да гледам во таванот дома, отколку во таванот во болница. Кога се вратив дома имав приватен физиотерапевт, а потоа мајка ми и татко ми престанаа да одат на работа. Седеа со мене и вежбаа со мене од шест до осум часа на ден, секој ден. На тоа се должи тоа што сега можам да седам и што можам да седам исправено, оти многу луѓе со мојата дијагноза не го можат тоа и многу се ретки случаите на вака добро закрепнување“, вели Вангел.

    (Фото:Ѓ.Личовски)

    Ваква траума и лоши прогнози за опоравување, за многу луѓе значат и крај на животот што сакаат да го живеат. Но, не и за Вангел. Тој вели дека никогаш немал депресија, па дури ниту по несреќата, пред сѐ поради големата поддршка и љубов од семејството.
    „Животот може да биде убав и ако си во инвалидска количка, само потребни се соодветни услови. Најбитна е поддршката од семејството, а потоа и од општеството. Ограничувањата на луѓето и на околината е во размислувањето колку сам ќе си дозволиш во животот да уживаш во него“, вели Вангел.

    Начинот на живот по несреќата комплетно му се променил. Претходно активен спортист, по несреќата најголем проблем му било што зависел од другите, па дури и за извршување на основните работи, како што е оддржување лична хигиена.

    „На почеток не можев да ги врзам ниту рацете, ниту нозете. Со секојдневно вежбање успеав да ја вратам функцијата на рацете, за да не зависам толку од другите. Сега сум до ниво кога во некоја странска земја можам да функционирам комплетно сам. Во Македонија не можам. На пример денес го изгубив клучот од колата и на работа морав да доаѓам со автобус. Од автобусот не можев ниту да се спуштам, ниту да се качам на тротоар. Кај нас проблем е некултурата на луѓето и на возачите. Новите автобуси имаат пристапни рампи, но возачите најчесто не сакаат да ги спуштат и велат – нека ви помогне некој од патниците“, вели Вангел.
    Тој кажува дека и сега редовно ги прави вежбите дома на различни справи, и дека постојано е во добра физичка кондиција.

    „Стигнав до момент кога можам да одам со одалка, но само во домашни услови. Има многу алтернативи за лекување, од кои повеќето се недокажани. Бев на операција со матични клетки, која не беше успешна. Ме оперираше португалски тим во Атина во 2007 година. Во светот се користат егзоскелети, кои помагаат во движењето за да може лицето слободно да се движи. Но, стандардот нам не ни дозволува такво нешто. Само егзоскелетот чини 100.000 евра, и плус трошоците за рехабилитација и обука за негово користење, која трае од три до шест месеци, така што тоа воопшто не е пристапно“, вели Тркаљанов.

    Според него за лицата со попреченост најважно е да не го запоставуваат социјалниот живот и секогаш да се обидуваат да го живеат животот најдобро што можат.

    Вангел на натпреварувањето во Минск во Белорусија годинава. (Фото: Аероклуб Скопје)

    „Летам со параглајдер и скокам со падобран од висина од 4.000 метри над земјата. Најчесто со овој вид спорт се занимавам во Франција и во Белорусија, каде има европски првенства за лица со попреченост. Тука во Македонија за жал немам услови да се занимавам со спорт. За луѓето со попреченост да се занимаавт со ваков вид спорт треба да има соодветни услови. Треба да се користи активна количка, а таква количка не добиваме преку Фондот за здравствено осигурување, и мора сами да ги купуваме, а цената им е од 2.000 евра па нагоре“, вели Вангел.

    На натпревариот во Минск во Белорусија годинава, со тимот падобранци од Аероклубот Скопје, освоил 16 место, а во категоријата на лица со попреченост со параплегија прво место.

    „Сите лица со попреченост се натпреваруваме во една дисциплина. Има четири ротации, лево-десно, лево-десно, и потоа обратно. За секое натпреварување минимум се потребни два до три скока и се зема просек од нив“, вели Вангел.

    (Фото: Аероклуб Скопје)

    Раскажува дека и пред повредата летал со параглајдер, а за време на студиите на Земјоделскиот факултет во Скопје бил демонстратор по пливање.

    „Пред несреќата се занимавав со параглајдерство. Но, летањето со параглајдер за лице со попреченост е сосем различно отколку за лица без попреченост, бидејќи за да полетате со параглајдерот треба да земете залет. Во оваа ситуација мора да полетуваме со пара мотор, или да нѐ креваат во раце, или со специјални колички, кои се многу скапи, од 4.000 евра па нагоре. Со пара мотор се полетува од рамно, а на стрмнини со специјални колички или двајца ги креваат летачите во раце и трчаат и го земаат залетот“, вели Вангел.

    Тој исто така скија и вози гумен чамец по брзи води, или рафтинг. Но, и со овие спортови се занимава во странство, бидејќи во Македонија нема обучена екипа за да им помага на лицата со попреченост.

    „На скијање одам во Италија , а бев и во Пампорово, во Бугарија. Иако и Бугарите се далеку од тоа да имаат соодветни услови за лица со попреченост. Но, таму имаше екипа од Велс, со која претходно стапив во контакт и бев на организирано зимување со велшаните. Оваа година имам понуда и од Италија и од Пампорово, така што за оваа зима сум обезбеден“, вели Вангел.

    Во родниот град Кочани плива во базен, и вели дека нема никаков проблем повторно да плива во базен.

    „Кога одам во Грција има специјални кранови кои нѐ креваат на столче за да нѐ спуштат во базен. Но, јас не чекам од кранот да нѐ спуштат во базен, туку скокам, се превртувам од столчето и скокам на глава“, вели Вангел.

    Тој од ова лето работи во Министерството за труд и социјална политика, како советник на министерката Мила Царовска. Претходно работел во семејната компанија на татко му, која има синџир земјоделски аптеки. Поради семејниот бизнис завршил земјоделски факултет, отсек заштита на растенија, како и постидипломски студии за производство на жестоки пијалоци. За себе вели дека нема никаков комплекс што е лице со попреченост и дека ниту сака да се жали, ниту сака да го сожалуваат.

    „Лицата со попреченост не треба да го запоставуваат социјалниот живот, а потоа треба да размислуваат како активно да го продолжат животот без пречки и ограничувања. Бариерите потекнуваат од нашите размислувања, а потоа од сѐ останато, од општеството и опкружувањето. Пречките се исти и големи како за другите лица со попреченост, така и за мене“, вели Тркаљанов.

    Е.БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира