1.500 ЕВРА Е ПРОСЕЧНА ПЛАТА ВО РЕГУЛАТОРНАТА КОМИСИЈА ЗА ДОМУВАЊЕ, НАЈВИСОКА ВО ДРЖАВНАТА АДМИНИСТРАЦИЈА

    1.500 ЕВРА Е ПРОСЕЧНА ПЛАТА ВО РЕГУЛАТОРНАТА КОМИСИЈА ЗА ДОМУВАЊЕ, НАЈВИСОКА ВО ДРЖАВНАТА АДМИНИСТРАЦИЈАБројот на вработени во администрацијата од 2010 до 2016 се зголемил од 42.474 лица на 47.364 и тоа се 15 отсто од вкупно вработеното население во земјава. (Фото: СДК.МК)

    Највисоки плати во јавната администрација добиваат вработените во Регулаторната комисија за домување, каде просечната нето плата во 2016 изнесува 90.125 денари, додека најмали плати земаат вработените во Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, каде просечната нето плата истата година била 18.174 денари.

    Овие податоци се од анализата „Движење на платите на дел од институциите во јавната администрација“, што ја изработи Фондацијата за демократија Вестминстер во рамки на проектот „поддршка на македонската парламентарна реформа“, финансиран од владата на Велика Британија.

    Анализата се однесува на периодот од 2010 досега, и таа покажува дека има тренд на зголемување на платите во јавната администрација, односно просечната бруто плата во 2010 во јавната администрација изнесувала 36.800 денари, а во 2017 била 41.300 денари. Овој тренд на зголемување на платите во администрацијата, според анализата на Вестминстер, е поголем од зголемувањето на просечната плата во Македонија, а бројот на вработени во администрацијата од 2010 до 2016 се зголемил од 42.474 лица на 47.364 и тоа се 15 отсто од вкупно вработеното население во земјава.

    Според податоците во буџетот за 2016, просечниот износ за бруто плата по вработен кај сите буџетските корисници на централниот буџет изнесува 42.563 денари, што е за скоро 10.000 денари повеќе во однос на просечната бруто плата во Македонија за 2016. Просечната месечна нето плата по вработен кај сите буџетски корисници за 2016 изнесува 28.700 денари, што е за 6.360 денари повеќе од просечната месечна нето плата во Македонија.

    Според оваа анализа, во државната администрација најголеми плати во 2016 биле поделени во Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, или 63.854 денари просечна нето плата по вработен.

    Меѓу регулаторните тела, кои ги има 10, најниска просечна нето плата се дава во Комисијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги или 39.0033 денари по вработен, а највисока во Регулаторната комисија за домување или 90.215 денари просечна месечна плата по вработен.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира