13,7 МИЛИОНИ ЕВРА ЌЕ ЧИНАТ ЕЛЕКТРОНСКИ ПАТАРИНИ, ПАРИТЕ ЌЕ СЕ ОБЕЗБЕДАТ ПРЕКУ КРЕДИТ ОД ЕБОР

    13,7 МИЛИОНИ ЕВРА ЌЕ ЧИНАТ ЕЛЕКТРОНСКИ ПАТАРИНИ, ПАРИТЕ ЌЕ СЕ ОБЕЗБЕДАТ ПРЕКУ КРЕДИТ ОД ЕБОРСо заемот е предвидено инсталирање на соларни панели на сите 15 патарини низ целата држава со што ќе се овозможи речиси половина од електричната енергија потребна за одржување на станиците да се генерира од овие панели.(Фото: СДК.МК)

    13,7 милиони евра ќе чини изградбата на новите патарини на автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид, како и воведувањето на електронскиот систем за наплата.

    Изградбата на патарините и воведувањето на новиот систем ќе се финансираат преку кредит од 13 милиони евра од Европската банка за обнова и развој, со која денеска во Министерството за финансии беше потпишан договор. Останатите 700.000 евра ќе се обезбедат од Јавното претпријатие за државни патишта.

    Проектот предвидува поврзување на надградените и новите патарини на автопатите со оперативниот центар за патарини во Петровец. Со заемот ќе се изгради и дополнителна лента за зголемување на капацитетот на наплатната станица „Миладиновци“.

    Со заемот е предвидено инсталирање на соларни панели на сите 15 патарини низ целата држава со што ќе се овозможи речиси половина од електричната енергија потребна за одржување на станиците да се генерира од овие панели. На тој начин, Јавното претпријатие за државни патишта ќе заштеди во делот на трошоците за непречено функционирање на патарините.

    Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески на денешното потпишување на договорот со ЕБОР истакна дека електронскиот систем за наплата е дел од интелигентниот транспортен систем со кој ќе се модернизира транспортот и ќе се зголеми функционалноста, безбедноста и предвидливоста на сообраќајот на патиштата.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари