14.555 ДЕЦА НА 9 СЕПТЕМВРИ ТРГНУВААТ ВО ГРАДИНКА, ВКУПНО ИМА МЕСТО ЗА 19 ИЛЈАДИ, ВЕЛИ МИНИСТЕРКАТА ШАХПАСКА

    14.555 ДЕЦА НА 9 СЕПТЕМВРИ ТРГНУВААТ ВО ГРАДИНКА, ВКУПНО ИМА МЕСТО ЗА 19 ИЛЈАДИ, ВЕЛИ МИНИСТЕРКАТА ШАХПАСКА„Градинките се подготвени за прием на децата и апелираме на почитување на заштитните мерки против ширење на ковид-19“, вели министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска. (Фото: Влада на РСМ)

    Од 19 илјади слободни места во државните градинки во земјава, од 9 септември во градинка ќе тргнат 14.555 деца, што значи дека има уште 4.445 слободни места, рече денеска министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска. Приоритет ќе имаат децата на самохрани родители и деца со вработени родители кои не може да работат од дома.

    Министерката Шахпаска со министерот за здравство Венко Филипче на заедничка прес-конференција го повторија протоколот, кој на 29 мај Владата го усвои по предлог на Комисијата за заразни болести за отворањето на државните и приватните градинки под посебни мерки.

    Според протоколот, се предвидува за групите од 2 до 6 години да има најмногу 15 деца, а за оние до 2 години најмногу 6 деца. На децата и на вработените при влез во градинката ќе им се мери температура, а вработените задолжително треба да носат маски. За секое дете ќе треба да се обезбедат по две постелнини.
    Внатре во градинките, престојот на децата треба да се организира на начин да се избегне меѓусебен контакт на различни групи на деца во согласност со можностите и на секои два часа да се прави дезинфекција на прекинувачите, кваките на вратите, мијалниците, масите, столовите. На прием на секое дете му се мери температура. Не смеат да се користат играчки кои не се перат.

    „Градинките кои имаат слободни места, може да се пополнат со деца кои претходно биле запишани во таа градинка. Доколку е исполнет капацитетот на една градинка, на ниво на општина децата може да одат во друга градинка, но нашите анализи покажаа дека има само неколку вакви исклучоци“, рече Шахпаска.

    Градинките се затворени од 10 март, а како што повтори министерката, останува на сила владината мерка која се однесува на тоа дека родителите на деца до 10 години остануваат дома.

    Филипче рече дека вработените нема повторно да бидат тестирани на ковид-19 откако во мај беа тестирани,  бидејќи, како што кажа, алгоритмите за третман на евентуално заразени се доволни да се следи инфекцијата.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира