14 ПАТНИЦИ ЗАГИНАА, ПЕТМИНА СЕ БОРАТ ЗА ЖИВОТ, ПО ПРЕВРТУВАЊЕТО НА АВТОБУСОТ НА АВТОПАТОТ СКОПЈЕ-ТЕТОВО

    14 ПАТНИЦИ ЗАГИНАА, ПЕТМИНА СЕ БОРАТ ЗА ЖИВОТ, ПО ПРЕВРТУВАЊЕТО НА АВТОБУСОТ НА АВТОПАТОТ СКОПЈЕ-ТЕТОВОЈавниот обвинител издаде наредби за обдукција на починатите лица, која се изведе синоќа на Институтот за судска медицина. Идентитетот на загинатите ќе се соопшти откако првин ќе бидат известени семејствата. (Фото: СДК.МК)

    Според последните официјални информации од синоќа околу полноќ, 14 патници загинаа, а петмина се борат за живот во тешката сообраќајна несреќа на автопатот Скопје-Тетово, кога автобус излетал и се превртел кај селото Ласкарци. Несреќата се случи вчера околу 17 часот.  Бројот на жртвите може да расте оти, според податоците од болниците некои од тешко повредените се во критична состојба.

    Во автобусот на компанијата „Дурмо турс“ имало 50 патници. Од загинатите, седум починале на местото на несреќата, а останатите во болниците „8 Септември“, и во старата Градска болница во Скопје.

    Според првичните информации од увидот на Основното јавно обвинителство Скопје, несреќата се случила кога автобусот со гостиварски регистарски таблици движејќи се во правец кон Тетово преминал преку заштитната ограда на спротивната страна од автопатот, потоа ја пробил и другата банкина, излетал од патот и се превртел во близина на селото Ласкарци.

    Владата на вонредна седница донесе одлука 14 и 15 февруари да бидат прогласени за денови на жалост. Според најавата, Oпштина Гостивар од каде што биле мнозинството патници денеска треба да прогласи тридневна жалост.

    Градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари кажа дека возачот на автобусот е повреден и хоспитализиран, и е во релативно стабилна состојба, а министерот за здравство Венко Филипче кажа дека возачот дал изјава во полиција. – Локацијата на автопатот Скопје-Тетово каде што се случи автобуската несреќа (Фото: принтскрин/Гугл Мапс)

    „Веднаш по добивањето на информацијата за сообраќајната несреќа, сите возила за итна медицинска помош од здравствениот дом во Скопје, ‘Неуромедика’ и ‘Систина’ се упатија кон локацијата на несреќата и пристигнаа за многу кратко време. Веднаш се даде прва помош на самото место и повредените патници се однесоа во скопските болници. Во болницата „8 Септември се примени повеќе од 30 патници. Во Ургентниот центар во Скопје се примени вкупно пет пациенти. Во моментот се ангажирани сите ресурси и правиме сé за да ги спасиме животите на тешко повредените“, рече министерот за здравство Венко Филипче.

    Тој кажа дека меѓу повредените е и една бремена жена. Повредените се на возраст од 25 години нагоре, и нема повредени деца. Двајца повредени има во болницата во Тетово.

    Градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари, кој синоќа ги посети повредените, кажа дека автобусот возел на линија Скопје-Гостивар, а патниците биле главно гостиварци. Рече дека возачот на автобусот е повреден и хоспитализиран, и е во релативно стабилна состојба, а Филипче кажа дека возачот дал изјава во полиција.

    Во Скопското обвинителството, кое ја води истрагата, велат дека е земена првична изјава од возачот, но таа ќе се проверува, а е издадена е наредба за анализа на крв и урина. Местото на несреќата е е обезбедено, денеска ќе се прави увид на трагите на кочење за да се утврди со колкава брзина возел возачот. Денеска ќе се крене превртениот автобус од местото и ќе се носи на вештачење на Машинскиот факултет во Скопје за да се утврди исправноста и со тоа можните причини за несреќата, во случај да не е човечки фактор, односно возачот.

    Јавниот обвинител издаде наредби за обдукција на починатите лица, која се изведе синоќа на Институтот за судска медицина. Идентитетот на загинатите ќе се соопшти откако првин ќе бидат известени семејствата.

    Потврдено е дека меѓу загинатите е синот на пратеникот Благојче Трпевски од редовите на СДСМ од Гостивар. Информацијата ја потврди вечерва портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов.

    Од загинатите, седум починале на местото на несреќата, другите во болницата „8 Септември“ и во старата Градска болница во Скопје; – Дел од повредените се пренесени во Ургентен центар (Фото: К. Попов)

    Скопските пожарникари влегувале внатре во автобусот за да ги вадат повредените патници. Командантот на Пожарната бригада Владимир Симоновски за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека најпрво автобусот бил подигнат со багери а потоа со специјалната опрема се направил отвор и низ него влегувале пожарникарите.

    „Извадивме 18-19 повредени, најпрво бремена жена, потоа останатите кои даваа знаци на живот. Моравме со багери на жителите да интервенираме оти автобусот беше многу уништен. Интервениравме со 4 противпожарни возила и 10 пожарникари. Автобусот се движел по автопатот Скопје-Тетово и потоа пресекол три ленти и излетал преку стариот пат во провалија“, вели командантот Владимир Симоновски.

    ЕКИПА НА САКАМДАКАЖАМ.МК

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари