Од идниот месец почнува распоредувањето во МВР на 143 вработени по Рамковниот договор кои 10 години седеле дома, а земале плата најавија вицепремиерите Артан Груби и Љупчо Николовски, во соопштението што го објавија по повод одбивањето на директорот на Пазарниот инспекторат Стојко Наумовски да прими 35-мина што немаат квалификации.
„143 се во процедура да почнат со реален работен ангажман во МВР“ , соопштија Груби и Наумовски иако Агенцијата за национална безбедност (АНБ) уште ги врши проверките за нив.
Неизвесно е колкумина ќе ја поминат безбедносната проверка што ја бара Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации (ДБКИ) од нив и во никој случај Владата не смее да си прави математички пресметки и да наметнува бројки за вработување во полиција.
Според законот, во МВР речиси за сите позиции, од работно место хигиеничар и возач, па до највисоките позиции, може да се вработат само лица кои ги поминале проверките од АНБ.
Кривично гонети, осудувани лица, такви кои имале проблем со државјанството, учесници во инциденти, сторители на кривични дела во други држави, верски фанатици, такви што контактираат со криминалци…,нема да може да добијат безбедносен сертификат.
„Процедурата за безбедносна проверка на лицата од т.н. рамковни вработувања што се распределени за работни задачи во МВР е во тек“, изјавија за САКАМДАКАЖАМ.МК од Агенцијата за национална безбедност.
Од таму велат дека за секоја позиција Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации (ДБКИ) бара различни степени на сертификати за безбедност.
„Барањата ги добиваме од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации и проверуваме за секого поединечно. Во моментов вршиме проверки за голем број лица, за разни институции, меѓу кои се и пријавените по огласот на МВР за редовен прием на 600 полицајци“, велат од АНБ.
Првиот вицепремиер во Владата Груби, во декември минатата година ни изјави дека и за административците по Рамковниот договор кои седат дома, а се со средно образование, ќе има место во администрацијата, и како пример го спомна токму МВР.
„Фалат кадри и со средно образование насекаде, по шалтерите во МВР, во ПИОМ, Катастар…“, кажа тој како коментар дека повеќето од овие 1.349 нераспоредени административци, се со Правен или Економски факултет и дека нема многу избор за тие што се со средно образование.
Пред 3 недели беше уапсена група од 10 члена претежно шалтерски работници на Пасошкото одделение во МВР, која три години печатела пасоши на криминалци барани со потерница, крадејќи идентитети од наши државјани од Косово, Албанија, Бугарија и Турција, кои никогаш не извадиле македонски пасош.
По овој откриен случај, велат во МВР, безбедносните проверки за вработување во Секторот за управни работи, и воопшто во МВР, ќе бидат многу построги од досега.
Покрај 143 вработувања на рамковните во МВР, вицепремиерите Артан Груби и Љупчо Николовски објавија дека од почетокот на следниот месец, започнува распоредувањето на 101 лице во УЈП, 18 лица во Агенцијата за вработување, три во Инспекторат за јазици и шест во Централен регистар.
Извори од коалицијата СДСМ-ДУИ за САКАМДАКАЖАМ.МК открија дека дел од овие распоредени административци, веќе биле вратени од Царината и од УЈП, како кадри кои не ги исполнуваат барањата на работните места каде што биле испратени од Владата.
С. К. ДЕЛЕВСКА