РАМКОВНИТЕ ВЕЌЕ ЗЕМААТ ПЛАТА ИАКО НЕ РАБОТАТ И НЕМА ДА ИМА ФИНАНСИСКА ШТЕТА ЗА ПАЗАРНИОТ ИНСПЕКТОРАТ, ОБЈАСНИЈА ВИЦЕПРЕМИЕРИТЕ ГРУБИ И НИКОЛОВСКИ

    РАМКОВНИТЕ ВЕЌЕ ЗЕМААТ ПЛАТА ИАКО НЕ РАБОТАТ И НЕМА ДА ИМА ФИНАНСИСКА ШТЕТА ЗА ПАЗАРНИОТ ИНСПЕКТОРАТ, ОБЈАСНИЈА ВИЦЕПРЕМИЕРИТЕ ГРУБИ И НИКОЛОВСКИНиколовски и Груби велат дека премиерот Зоран Заев вчера имал обид за директна комуникација со директорот Пауновски со цел, како што велат, изнаоѓање заедничко решение, но Пауновски не одговорил на повикот. (Фото: Влада на РСМ)

    Рамковните вработени, за кои директорот на Пазарниот инспекторат Стојко Пауновски одбива да потпише решение оти не му требаат како административци и во градови каде што веќе има доволно инспектори, нема да влијаат на вработување на нови инспектори во Пазарната инспекција, велат вицепремиерите Артан Груби и Љупчо Николовски во заедничко соопштение, откако премиерот Зоран Заев најави дека ќе го разреши.

    Груби и Николовски велат дека Министерството за финансии е задолжено да одобри пари за 104 нови вработување за сите инспекторати. Исто така, тие посочуваат дека овие луѓе веќе земаат плата, иако не работат ништо така што Пазарниот инспекторат нема да има плус финансиски импликации.

    „Вработените се распоредуваат во друга институција од јавен сектор на соодветно место на исто ниво, односно на работно место за кое вработениот ги исполнува општите и посебните услови. Овие лица се веќе вработени, за нив не се потребни дополнителни финансии, Владата нема очекувања ниту побарувања распределените лица во Инспекторатот да ги вршат работите на инспекторите, но Владата знае дека во сите институции има потреба од дополнителен ангажман на различни нивоа, особено ако за тоа институцијата нема дополнителен финансиски трошок“, велат Груби и Николовски.

    Во соопштението се вели дека административните службеници кои се распоредуваат не се замена за редовните побарувања за кадри кои ги имаат институциите, како на пример побарувањата што ги имаат инспекторатите, и се објаснува дека „побарувањата за нови вработувања одат низ засебна, целосно одвоена процедура врз која никако не влијаат овие распоредувања“.

    По премиерот Зоран Заев, кој се налути дека Пауновски не сака да прими 23 од прераспределените 35 рамковни вработени, и вицепремиерите Артан Груби и Љупчо Николовски му порачаа на директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) дека мора да ги вработи сите 35 рамковни административци. Тие на Пауновски во заедничкото соопштение му цитираа членови од Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата, кои тој со своето непостапување и изјави во медиумите ги прекршил.

    Николовски и Груби велат и дека премиерот Зоран Заев вчера имал обид за директна комуникација со директорот Пауновски со цел, како што велат, изнаоѓање заедничко решение, но Пауновски не одговорил на повикот.

    „Согласно членот 6, носителите на извршни функциите слободно и отворено ги изразуваат ставовите во врска со предложените политики, но солидарно ги поддржуваат владините политики и одлуки откако тие ќе бидат донесени, а во своите јавни настапи политиките ги презентираат во согласност со овој Кодекс“, му посочуваат Груби Николовски на директорот Пауновски.

    Заев рече дека Пауновски не може јавно да се препукува со него и со вицепремиерот Артан Груби и затоа на наредната владина седница вицепремиерот Љупчо Николовски ќе побара негово разрешување.

    По оваа најава, инспектори од сите градови се мобилизираат и потишуваат петиција, во која бараат средба со Заев и итно повлекување на одлуката за разрешување на Пауновски, за кого велат дека во изминативе три години ја направил институцијата функционална и респективна.

    А. АНТЕВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира