15.000 ДЕНАРИ Ѝ БИЛА ПЛАТАТА НА СОПАТНИЧКАТА НА ДИМЕ СПАСОВ КОГА НЕ ОДЕЛА НА РАБОТА

    15.000 ДЕНАРИ Ѝ БИЛА ПЛАТАТА НА СОПАТНИЧКАТА НА ДИМЕ СПАСОВ КОГА НЕ ОДЕЛА НА РАБОТАПринтскрин од снимката од камерите на скопските сообраќајници на кои се гледаат делови од инцидентот со ексминистерот Диме Спасов, објавена од „Сител“ неколку дена по сообраќајката. (Фото: принтскрин/Јутјуб)

    Сопатничката на Диме Спасов од сообраќајката во октомври минатата година, земала плата од 15.000 денари додека била вработена како референт во Агенцијата за вработување (АВРМ), потврдија од агенцијата. Таа е една од четворицата вработени во АВРМ, кои, како што кажа директорката Билјана Јовановска во понеделникот, земале плата, а не се појавувале на работното место со што го оштетиле буџетот за милион денари.

    Таа била вработена во АВРМ од 1 февруари до 25 септември минатата година, по што била префрлена во државната компанија „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ), каде што работи и сега на позицијата референт за протокол. Неофицијално, во ЕЛЕМ зема плата над 35.000 денари и доаѓа на работа.

    Ексминистерот за труд и социјала Диме Спасов на 29 октомври минатата година, како што соопшти МВР, со службено возило на АВРМ, удри во две возила едноподруго, избега по судирите и бегајќи бил запрен од полициска патрола, а потоа избега додека траеше увидот, оставајќи ја сопатничката сама со полицијата.
    Подоцна на местото на настанот дојде вработен во Министерството за труд и социјала кој тврдеше дека тој возел, но не знаел да им објасни на полицајците што точно се случило. Следниот ден, лажниот возач отиде во полиција и ја повлече изјавата.

    МВР поднесе три прекршочни пријави против Спасов, тогаш дополнителен заменски министер за труд и социјална политика, за сообраќајната несреќа. Пријавите се прекршочни затоа што причинетата штета во сообраќајките не е на ниво за да бидат кривични, кажа тогаш министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

    „Сопатничката Т.К. своерачно потпишала изјава дека Д.С. го управувал возилото и дека немало други дејствија, како бркање, тропање по возилото и слично“, изјави Спасовски на прес-конференција лани на 3 ноември.

    Истиот ден, Спасов, во интервјуто за „ТВ Нова“, рече дека бил бркан и дека почувствувал напад, а телевизијата Сител објави снимки од камерите на скопските сообраќајници на кои се гледаат делови од инцидентот со ексминистерот.

    Минатата недела, Спасов преку шофер во Агенцијата за вработување, врати 143 илјади дена, пари што незаконски ги потрошил како министер од службената картичка.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира