СО 15 ИЛЈАДИ ПОРОДУВАЊА НЕ МОЖЕ ПРАТЕНИКОТ ОД ВМРО-ДПМНЕ ЉУБЕН АРНАУДОВ ДА БИДЕ ТЕРОРИСТ, РЕЧЕ НЕГОВИОТ АДВОКАТ НА СУДЕЊЕТО ЗА НАПАДОТ ВРЗ СОБРАНИЕТО

    СО 15 ИЛЈАДИ ПОРОДУВАЊА НЕ МОЖЕ ПРАТЕНИКОТ ОД ВМРО-ДПМНЕ ЉУБЕН АРНАУДОВ ДА БИДЕ ТЕРОРИСТ, РЕЧЕ НЕГОВИОТ АДВОКАТ НА СУДЕЊЕТО ЗА НАПАДОТ ВРЗ СОБРАНИЕТОПратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Љубен Арнаудов и актерот Владо Јовановски се меѓу 33-та обвинети за терористичко загрозување на Уставниот поредок и безбедноста за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017, чие судење продолжи денеска со воведни зборови на одбраната (Фото: К. Попов)

    Не може пратеникот Љубен Арнаудов, лекар гинеколог со 15 илјади породувања во 37-годишна кариера, да биде терорист, рече адвокатот Донче Наков во воведните зборови на судењето за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017, во кое 33 лица се обвинети за терористичко загрозување на Уставниот поредок и безбедноста. Тој е адвокат и на Владо Јовановски, за кого кажа дека е актер и патриот, Богдан Илиевски кој е колумнист и Абдулфета Алими, за кои рече дека никако не се терористи. За Алими потсети дека најголемата жртва на 27 април лани, Зијадин Села, ја заложи својата куќа како гаранција за да го извади со кауција од притвор.

    Наков кажа дека обвинителството прибавувало докази на незаконит начин и од Основниот суд Скопје 1 ќе бара да ги почитува пресудите на Европскиот суд за човекови слободи и права.

    Обвинението почнува со пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски и Љупчо Димоски, потоа продолжува со ексдиректорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) Митко Чавков, колегите началници Мирко Пешов и Душко Лазаров, обезбедувањето на Трајко Вељаноски Горан Ѓошевски-Леви и колегата Оливер Поповски, Мунир Пепиќ од Агенција за разузнавање, Абдуљфета Алими (собраниско обезбедување, кој ги дал клучевите за средната собраниска врата), Елена Доцевска-Божиновска и Иван Цветановски од кабинетот на тогашниот претседавач на Собранието Трајко Вељаноски.
    Натаму, за истото дело терористичко загрозување на уставниот поредок, обвинети се и организаторите: Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа, Оливер Радулов од УБК и Сашо Марковски (што ги украле хард-дисковите од собраниските снимки со насилствата), Митре Питроповски и водачите на „За заедничка Македонија“ Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, глумецот Владо Јовановски и оперскиот пејач Игор Дурловски.

    Листата од 33 обвинети продолжува со Игор Југ, кој според обвинителката Вилма Русковска имал задача да го ликвидира Зоран Заев, потоа Јане Ченто, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Горанче Ангеловски, Илија Славевски, Влатко Трајковски и Вилјам Михајловски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира