15 МИЛИОНИ ЕВРА ФРЛЕНИ ЗА ДЕН НА ДРВОТО И ПАЛМИТЕ, НЕ СЕ ЗНАЕ ДАЛИ НЕКОЈ ЌЕ ОДГОВАРА

    15 МИЛИОНИ ЕВРА ФРЛЕНИ ЗА ДЕН НА ДРВОТО И ПАЛМИТЕ, НЕ СЕ ЗНАЕ ДАЛИ НЕКОЈ ЌЕ ОДГОВАРАИсушените палми во Скопје беа искорнати во април минатата година. - Од отстранувањето на палмите на булеварот „Теодосиј Гологанов“ (Фото: СДК.МК)

    За проектот Ден на дрвото се потрошени 15 милиони евра, а ефикасноста е околу 20 отсто, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од извори од „Македонски шуми“. За палмите, пак, потрошени се 500 илјади евра, а успешноста е нула отсто.

    Владата побарала отчет од „Македонски шуми“ за успешноста на акцијата Ден на дрвото од почетокот во 2008 година, па сè до октомври 2017 кога беше укината, поради како што кажаа тогаш, незадоволителни резултати.

    Изворите од јавното претпријатие велат дека комисијата која што ја разгледувала ефикасноста од акциите и проектите за пошумување и раззеленување, вчера го усвоила извештајот и тој ќе биде презентиран на владината седница во вторник, но засега не е познато дали Владата ќе преземе нешто, т.е. дали некој ќе сноси одговорност за промашениот милионски проект.

    Идејата за Ден на дрвото во 2007 година ја иницираше оперскиот пејач Борис Трајанов, но тој се повлече од проектот и од јавниот живот во 2012 година, бидејќи, како што кажа тогаш, бил изморен од „написите во одредени медиуми, во кои Денот на дрвото го претставуваат како пералница на милиони евра“.

    Акцијата „Денот на дрвото – засади ја својата иднина“ беше воведена од поранешната влада на Никола Груевски во март 2008 година и до 2011 година се спроведуваше напролет и наесен, а во последните пет години само наесен. Денот кога се садеа садници, беше прогласен за неработен ден за државната администрација, но подоцна во текот на годината се одработуваше за време на викендите.

    Податоците се дека на повеќе од 13.000 хектари, изминативе години беа засадени 35 милиони садници, што значи дека преживеале нешто над 7 милиони садници.

    Палмите на Кејот на Вардар и на булеварот во Скопје „Митрополит Теодосиј Гологанов“ лани во април беа отстранети, откако измрзнаа на студеното време. Тогаш „Македонски шуми“ објави дека на нивно место ќе бидат засадени јавори. Измрзнаа и во другите градови, каде што „Македонски шуми“ ги засади и покрај скапите методи за нивна заштита во текот на зимските месеци.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира