15 ОТСТО ОД ФИРМИТЕ КОИ ДОБИЛЕ ЛИЦЕНЦИ ЗА ИЗГРАДБА, ПРОЕКТИРАЊЕ И НАДЗОР НА ГРАДБИ НЕ ГИ ИСПОЛНУВААТ УСЛОВИТЕ ЗА РАБОТА, РЕЧЕ НИКОЛОСКИ

    15 ОТСТО ОД ФИРМИТЕ КОИ ДОБИЛЕ ЛИЦЕНЦИ ЗА ИЗГРАДБА, ПРОЕКТИРАЊЕ И НАДЗОР НА ГРАДБИ НЕ ГИ ИСПОЛНУВААТ УСЛОВИТЕ ЗА РАБОТА, РЕЧЕ НИКОЛОСКИ„Од издадени 1.100 лиценци, проверени досега се 642, а од нив кај 97 лиценци или над 15 проценти констатирано е дека правните лица по издавање на лиценците престанале да ги исполнуваат законските услови врз основа на кои ги добиле лиценците. (Фото: К. Попов)

    Петнаесет проценти од приватните фирми кои имаат лиценци за изградба, проектирање и надзор на градби од А и Б категорија не ги исполнуваат условите за работа и лиценцата им е одземена, рече денеска на прес-конференција министерот за транспорт и врски Александар Николоски. Николоски кажа дека изминативе денови Министерството спровело контрола на сите издадени лиценци согласно Законот за градење и Законот за урбанистичко планирање.

    Проверени се лиценци на изведувачи на градби од прва и втора категорија, лиценци за надзор на објекти од прва и втора категорија, лиценци за проектирање на градби од прва и втора категорија, лиценци за ревизија на градби од прва и втора категорија, лиценци за управител за одржување на објекти од прва и втора категорија, лиценци за управител на градба и лиценци за фирми кои изработуваат Детални урбанистички планови.

    Од издадени 1.100 лиценци, проверени досега се 642, а од нив кај 97 лиценци или над 15 проценти констатирано е дека правните лица по издавање на лиценците престанале да ги исполнуваат законските услови врз основа на кои ги добиле лиценците. Тоа значи дека при поднесување на барање ги исполнуваат условите, а после тоа престануваат. Поради тоа ќе се донесат решенија за одземање на лиценците и тоа на 13 правни лица одземена им е лиценцата за А изведувач на градби, на 34 правни лица лиценцата за Б изведувач на градби, на две фирми за надзор на градби од А категорија, на 6 за надзор на градби од Б категорија, на три фирми за проектирање градби од А категорија, на 20 за проектирање на Б категорија, два правни лица ќе останат без лиценца за Б ревизија на проектна документација, една правно лице управител за одржување на објекти и на 16 планерски куќи одземена им е лиценцата за изработка на ДУП“, рече Николоски.

    Николоски кажа дека постојните закони не се добри и се со недоречености и затоа ќе следат низа законски измени, а во иднина лиценците ќе се контролираат на секои 6 месеци.

    За дискотеката „Пулс“ во Кочани каде во пожар загинаа 59 главно млади луѓе, меѓу кои и 6 деца, а биле повредени уште 197 лица од кои 25 деца, Николоски кажа дека Министерството за транспорт и врски нема надлежност бидејќи станува збор за објект од Б категорија, а со законот за децентрализација Министерството за транспорт и врски има надлежност само за објекти од А категорија.

    Објектот е изграден во 1999 година според важечки план на Општина Кочани, како лесна незагадувачка индустрија и се користел како фабрика за текстил и за магацин. Потоа е дограден еден дел од 50 метри квадратни, којшто во 2011 година со Законот за легализација на дивоградби е легализиран и приклучен на постојниот објект. Од аспект на урбанистичко планирање постапките се испочитувани. Проблемот настанува кога почнува адаптација и реконструкција во внатрешноста без никакво одобрение од никого. И дополнително ставен е печат дека ги исполнува условите од одредено правно лице кое невидело што се случува, а ставило печат или пак видело ама го игнорирало. Согласно законот за добивање лиценца се поднесува барање во кое треба да се достави пријава за исполнување на минамално-технички услови и согласност од МВР дека се исполнети условите за заштита на јавен ред и мир и сообраќај. Министерството за економија по службена должност ги прибавува документите, а подносителот поднесува изјава дека ги исполнил сите услови. Според мене законот не е добар и треба да се смени. Некој дава изјава на нотар, после некој службеник треба да стави потпис, а приватна фирма утврдува дали објектот ги исполнува условите. Се остава голем простор на совеста на подносителот дека тоа е така. Поради сето ова ќе има измени на неколку закони“, рече Николоски.

    Извештајот за бројот на приватни фирми кои не ги исполнуваат условите за работа, Министерството ќе ги достави до МВР и Обвинителството, кои треба да испитаат дали ќе има кривична одговорност за овие фирми.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира