150 ИЛЈАДИ ЕВРА СИМНАТИ ОД СМЕТКАТА НА КЛИНИКАТА ЗА ГИНЕКОЛОГИЈА ПО ТУЖБИТЕ ЗА ОСЛЕПЕНИ БЕБИЊА

    150 ИЛЈАДИ ЕВРА СИМНАТИ ОД СМЕТКАТА НА КЛИНИКАТА ЗА ГИНЕКОЛОГИЈА ПО ТУЖБИТЕ ЗА ОСЛЕПЕНИ БЕБИЊАДосега за изгубени судски спорови, за бебињата кои добиле ретинопатија Клиниката за гинекологија исплатила околу 100 милиони денари, вели директорката д-р Викторија Јовановска

    Од сметката на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје денес со извршно решение се симнати девет милиони денари, кои оваа јавна установа ги должи по основ на изгубени тужби. Д-р Викторија Јовановска, директор на Клиниката за гинекологија и акушерство, вели дека станува збор за судски одлуки донесени за случаи од 2007 и 2008 година, кога бебиња што беа во инкубатори добија ретинопатија.

    „Десет години по овие случаи извршителите денес симнаа средства за наплата на дел од тужбите. И ова не е прв пат за изгубени судски спорови за ретинопатија да се симнуваат пари од сметката на клиниката. Тажно е што децата останале со оштетен вид и тие изгубени спорови мора да се платат, но не ми е јасно зошто досега не се платени“, вели д-р Јовановска.

    Таа додава дека досега за изгубени судски спорови, за бебињата кои добиле ретинопатија Клиниката исплатила околу 100 милиони денари.

    „Денес се повлечени пари само по основ на една тужба, а ги има многу и се за случаи од пред десетина години. Имаме и други извршни решенија за други изгубени спорови, кои полека стигаат за наплата. За жал парите кои како Клиниката успеавме да ги заштедиме и кои планиравме да го потрошиме за набавка на нови инструменти и за обнова на детското одделение, отидоа за наплата на изгубени судски спорови. Тоа не значи дека не треба да ги платиме, но го известив и Министерството за здравство да го имаат и ова предвид и да ни помогнат да ги реализираме планираните активности“, вели д-р Јовановска.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари