18-ГОДИШЕН КОНДОВЕЦ ВО ПОЛИЦИСКИ ЧАС ДРЖЕЛ ВО ЗАЛОЖНИШТВО ПОЛИЦАЕЦ СО ВПЕРЕН ПЛАСТИЧЕН ПИШТОЛ В ГЛАВА

    18-ГОДИШЕН КОНДОВЕЦ ВО ПОЛИЦИСКИ ЧАС ДРЖЕЛ ВО ЗАЛОЖНИШТВО ПОЛИЦАЕЦ СО ВПЕРЕН ПЛАСТИЧЕН ПИШТОЛ В ГЛАВАПолицајците му го зеле пиштолот, но во обидот да го совладаат и да го уапсат, кондовецот продолжил да дава отпор, па и ги натепал. Ги удирал со боксови, при што им нанел телесни повреди, контузии и гребаници​.(Фото: Архивска фотографија од полициски час)

    Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог против 18-годишен кондовец, бидејќи за време на полицискиот час држел во заложништво полицаец со вперен пластичен пиштол в глава. Лицето се товари за кривичните дела Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста од член 383 став 2 во врска со став 1, како и Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.

    Како што соопшти Обвинителството, заложничката драма се случила во понеделникот, на полицискиот пункт во скопското село Кондово за време на полицискиот час. Додека двајца полицајци седеле пред полициското возило на пунктот, обвинетиот му пришол од зад грб на еден од полицајците, го фатил со левата рака околу вратот, а со десната на слепоочницата му вперил пластичен пиштол кој наликувал на вистинско оружје.

    Потоа, на другиот полициски службеник му се заканил да не мрда затоа што ќе пука во неговиот колега.

    „Вториот полициски службеник излегол од службеното возило и службениот пиштол го вперил кон обвинетиот, наредувајќи му да го пушти неговиот колега. Бидејќи обвинетиот не постапил по наредбата, туку започнал да се движи наназад, полицискиот службеник испукал еден предупредувачки куршум во воздух. Во тој момент обвинетиот го пуштил нападнатиот полицаец“, велат од Обвинителството.

    Полицајците му го зеле пиштолот, но во обидот да го совладаат и да го уапсат, кондовецот продолжил да дава отпор, па и ги натепал. Ги удирал со боксови, при што им нанел телесни повреди, контузии и гребаници.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира