Неформалниот дијалог во Париз не е замена за договорот од Пржино или менување на договорот за реформи од Рајнхард Прибе, туку давање нови димензии на политичкиот дијалог во Македонија, рече Иво Вајгл, известувач на Европскиот парламент за Македонија, на денешната прес конференција.
Дел од политичките партии начелно прифатиле да присуствуваат на средбата во Париз, а дел се согласиле. Според планот, средбата треба да се оддржи кон крајот на јануари следната година во Париз, во куќата на Жан Моне, како симбол на европската интеграција и проширување.
Вајгл кажа дека на средбата ќе се разговара за собранискиот деловник, етичкиот кодекс на пратениците и владеење на правото. На прашањето дали лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и други партеници, на кои им е одземен пасошот, бидејќи се осомничени за кривични дела ќе присуствуваат на средбата, Вајгл директно не одговори, туку рече:
„Планирано е на средбата да присуствува по еден координатор и по еден пратеник од секоја пратеничка група, и по еден вработен во собраниските служби“.
На прашањето како очекува дијалог меѓу пратениците, без епилог на настаните од 27 април годинава, кога имаше обиди за ликвидација на пратеници од владејачкото мнозинство и има осомничени пратеници дека учествувале во крвавите настаните во Собранието, Вајгл рече:
„27 април е болно прашање за сите. Но, сметам дека сите партии по овој настан ги научија лекциите. Само одговорен и пријателски дијалог може да доведе до решение. Не можам да гарантирам дека тие ќе се вљубат едни во други, но сепак тоа е добра можност. Преку ‘Жан Моне’ нема да се решава овој поблем, тој останува да се затвори овде во Собранието преку заеднички и конструктивен дијалог“.
Претседателот на Собрание Талат Џафери кажа дека овој процес треба да придонесе следниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија да биде позитивен и Македонија да го почне процесот за интеграција кон ЕУ.
На средбата според планот нема да има медиуми ја ваност.
Г. ТРПЕНОСКИ