Петмина пациенти со тешки повреди по пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ се упатуваат со авионски транспорт на лекување во Бугарија, од кои двајца се од Хируршката клиника „Св. Наум Охридски” и тројца од Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) , соопшти Министерството за здраство.
Во Турција на лекување со авион ќе се упатат тројца пациенти од ТОАРИЛУЦ и шест од Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“.
Исто така, за Грција со возила на Брза помош се транспортирани тројца пациенти од ТОАРИЛУЦ.
Со возила на Брза помош ќе бидат транспортирани уште петмина пациенти за Бугарија и петмина за Србија.
Медицински авион на бугарското воздухопловство слета попладнево на Скопскиот аеродром за да преземе дел од критичните пациенти настрадани при пожарот во. Авион од типот Алениа Спартан е со медицинска екипа, лекари за реанимација и специјалисти за изгореници.
Министерот за здравство Арбен Таравари кажа дека повредените кои се во критична состојба ќе бидат пренесени на лекување во Бугарија, Турција, Грција и во Србија кои понудија помош неколку часа по несреќата.
„Се јавија и болници од Холандија, од Албанија. Оставам на анестезиолозите да одлучат за понатамошниот третман на најкритичните пациенти“, рече Таравари.
Во пожарот кој утрово околу 2 часот изби во кочанската дискотека според досегашните официјални информации загинаа 59 лица, на возраст од 14-25 години. Хоспитализирани се 155 луѓе од различни здравствени установи низ државата. Загинатите се од Скопје, Штип, Кочани, Пробиштип.