28,83 % ГЛАСАЛЕ ДО 17 ЧАСОТ НА РЕФЕРЕНДУМОТ ЗА ИМЕТО, САРАЈ ФАТИ ЦЕНЗУС СО 54,21%

    28,83 % ГЛАСАЛЕ ДО 17 ЧАСОТ НА РЕФЕРЕНДУМОТ ЗА ИМЕТО, САРАЈ ФАТИ ЦЕНЗУС СО 54,21%Најмногу излезеност до 17 часот има во Општина Сарај 54,21 отсто, (Фото: К. Попов)

    До 17 часот, од 87,25 отсто обработени податоци на референдумот за името гласале 28,83 проценти од избирачите, соопшти Државната изборна комисија (ДИК). Од вкупниот број на запишани граѓани во избирачкиот список гласале 455.771 граѓани.

    Како што кажаа од ДИК во Сарај гласале 54,21 отсто, во Липково 41,56, во Карпош 38,30 отсто, во Кисела Вода 27,75, во Кичево, 34,05 отсто, Охрид 29,40, Прилеп 30,47, Радовиш 21,71, Ресен 22,94, Тетово 32,43, Струмица 29,74, во Шуто Оризари 24,51 отсто.

    Претседателот на Државната изборна комисија Оливер Дерковски рече дека до 17 часот стигнале нови приговори, но сите биле одбиени затоа што немале законски основ да бидат прифатени.

    „Се работеше за луѓе кои не се нашле на избирачкиот список, но не ни можеле да се најдат затоа што или менувале лични документи или не поседувале важечки документи за идентификација. Имаше и некои кои не ни побарале да бидат запишени во избирачкиот список за време на увидот“, рече Дерковсски.

    Гласачките места се затвараат во 19 часот.

    Граѓаните од земјава денеска на референдумот ќе одговорат на референдумското прашање „Дали сте за членство во Европската унија и НАТО со прифаќање на Договорот за името меѓу Македонија и Грција“. Со овој Договор, потпишан на 17 јуни во грчкиот дел на Преспа, во селото Псарадес (Нивици), името на земјава ќе биде Република Северна Македонија за севкупна употреба, со признати македонски јазик и македонска националност.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира