3.270 ГРАЃАНИ СЕ ВАКЦИНИРАЛЕ ЗА ЕДНА НЕДЕЛА ПРОТИВ СЕЗОНСКИ ГРИП, 126 НЕ ДОШЛЕ НА РЕЗЕРВИРАН ТЕРМИН

    3.270 ГРАЃАНИ СЕ ВАКЦИНИРАЛЕ ЗА ЕДНА НЕДЕЛА ПРОТИВ СЕЗОНСКИ ГРИП, 126 НЕ ДОШЛЕ НА РЕЗЕРВИРАН ТЕРМИНОд Министерството за здравство апелираат до граѓаните кои закажале термин за вакцинирање да дојдат на пункт за вакцинација, а ако се спречени, резервираниот термин да го откажат; - Од вакцинацијата во Велес. (Фото: СДК.МК)

    Три илјади и 270 граѓани изминативе 7 дена примиле бесплатна вакцина против сезонски грип во здравствените домови и општите болници низ државата. 126 граѓани преку матичен лекар резервирале термин, но не се појавиле на закажаниот пункт, вели Министерството за здравство.

    Матичните лекари се под огромен притисок на своите пациенти бидејќи не можат да најдат слободен термин за вакцинирање против сезонски грип. Граѓаните треба да закажат термини за бесплатно вакцинирање преку својот матичен лекар, но не успеваат иако за оваа година се набавени 40 илјади дози, што е 12 илјади дози повеќе од минатата година.

    „Со ова темпо на вакцинација, 40.000 вакцини ќе се потрошат за 33 недели. А вакцинацијата треба да заврши во рок од 2-3 недели, инаку нема логика некој да се вакцинира откако ќе почне сезоната на грип“, вели матична лекарка од Скопје.

    Бесплатна вакцинација против сезонски грип се врши на 6 пункта на Здравствен дом Скопје, како и во здравствените домови во Велес, Неготино, Тетово, Гостивар, Кичево, Охрид, Струга, Вевчани, Македонски Брод, Ростуше, Битола, Прилеп, Крушево, Ресен, Демир Хисар, Свети Николе, Радовиш, Струмица, Штип, Валандово, Куманово, Кратово, Крива Паланка, Берово, Делчево, Виница, Пробиштип, Пехчево, и Кочани. Вакцинација се вршти во општите болници во Гевгелија, Дебар и Кавадарци.

    Според утврдениот протокол за системско менаџирање на термините за вакцинација, секој петок од тековната недела се отвараат термини преку системот Мој термин.

    „Оваа пракса годинава е воведена бидејќи се наоѓаме во период на вонредна здравствена состојба, каде физичка и временска дистанца помеѓу пациентите се клучен фактор за зачувување на здравјето на луѓето во овој момент. Од таа причина, системското менаџирање на вакцинација е клучен фактор“, велат од Министерството.

    Оттаму додаваат дека вакцини има за сите, и апелираат до граѓаните кои закажале термин за вакцинирање да дојдат на пункт за вакцинација, а ако се спречени, резервираниот термин да го откажат.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира