4 МЕДИЦИНСКИ СЕСТРИ И 2 БОЛНИЧАРИ ОД ГОБ „8 СЕПТЕМВРИ“ ПОЗИТИВНИ НА КОВИД-19, 10 СЕСТРИ СЕ ВО ИЗОЛАЦИЈА

    4 МЕДИЦИНСКИ СЕСТРИ И 2 БОЛНИЧАРИ ОД ГОБ „8 СЕПТЕМВРИ“ ПОЗИТИВНИ НА КОВИД-19, 10 СЕСТРИ СЕ ВО ИЗОЛАЦИЈАГОБ „8 Септември“ практично сега функционира како инфективна болница и тријажен центар за КОВИД-19 за цела држава. Медицинско лице минува прдд болницата (Фото: Ѓ. Личовски)

    Шест медицински лица, од кои четири сестри и двајца болничари од Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје се позитивни на КОВИД-19, потврди за САКАМДАКАЖАМ.МК д-р Христијан Костов, директор на болницата.

    Едната сестра била ангажирана во КОВИД центарот кај најтешките пациенти, а останатите медицински лица се од другите одделенија каде се третираат суспектни случаи. Директорот вели дека болницата одредена од Министерството за здравство привремено да биде специјализирана КОВИД болница, практично целосно функционира како инфективна здравствена установа и тријажен центар за КОВИД за целата држава.

    „Три месеци немавме ниту еден позитивен случај, но ете, се појави и кај нас. Верувам дека е донесен од надвор, знаете, имаме две банки во рамки на болницата, потоа семејни вечери, прослави и слично“, вели директорот.

    Шесте медицински лица имаат благи симптоми, кашлица и температура, а поради контактите на работа, во изолација се десет нивни колеги – сите медицински лица. Тестовите за коронавирус на десете изолирани се негативни, но не можат да доаѓаат на работа уште 9-10 денови, со оглед на тоа дека од пред 5-6 дена се во изолација.

    Во болницата „8 Септември“ во моментов има 8 заболени на механичка вентилација, 3 на сипап маска и 10 на кислородна поддршка кои дишат сами. Костов вели дека вчера примиле дваајца заболени, но најголем наплив бил во вторникот кога биле хоспитализирани 15-мина со КОВИД-19.

    „Кај нас се хоспитализираат најтешките случаи, толку тешки што дури не можеме да ги транспортираме ни до Инфективната клиника. Планиравме што поскоро да ја отвориме болницата за редовни пациенти, но со растот на бројките изминативе денови, не успеавме ни да ги отвориме другите одделенија за да функционираме нормално. Таман ги пренесовме апаратите, вечерта на прием дојдоа 15 пациенти“, рече директорот.

    Во ГОБ  „8 Септември“, медицинските лица досега успеаја од респираторна машина да вратат во живот двајца пациенти, еден на 35 години и еден на 47.

    Од 18 март кога беше прогласена вонредна состојба, болницата со капацитет од 400 легла практично функционира како инфективна клиника, иако на тамошното инфективно одделение со капацитет од 26 легла се вработени само двајца инфектолози. Сите десетина матични анестезиолози кои се деноноќно на сменска работа се префрлени на Одделот за интензивна нега за КОВИД-19. Поради нивната презафатеност и истоштеност, редовните хируршки интервенции се стопирани. Се прават операции само на тие што се позитивни на коронавирусот па анестезиолозите се вклучуваат само на операции во итни животозагрозувачки случаи кога нема време да се чека резултатот од тестирањето. Одделенијата со болничките легла се зафатени со полесни случаи на КОВИД-19, или само суспектни на КОВИД-19, но не можат да бидат мешани со други пациенти за да се спречи дополнително ширење на заразата.

     

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира