453 ЗДРАВСТВЕНИ РАБОТНИЦИ ВАКЦИНИРАНИ ПРОТИВ КОВИД-19 ЗА ДВА ДЕНА, НАД 90 ИЛЈАДИ ЛИЦА СЕ ПРИЈАВИЛЕ ЗА ВАКЦИНИ

    453 ЗДРАВСТВЕНИ РАБОТНИЦИ ВАКЦИНИРАНИ ПРОТИВ КОВИД-19 ЗА ДВА ДЕНА, НАД 90 ИЛЈАДИ ЛИЦА СЕ ПРИЈАВИЛЕ ЗА ВАКЦИНИВакцинацијата против ковид-19 во земјава почна во средата. (Фото: Ѓ. Личовски)

    За два дена 453 здравствени работници, од 4.000 пријавени, кои работат во Ковид-центрите ја примија првата доза од вакцината против ковид-19, на веб-страницата 58.500 граѓани се пријавиле за вакцина, а преку матичен лекар 32.917 граѓани над 70-годишна возраст, вели Министерството за здравство.

    Вакцинацијата за медицинските лица од првата фаза според Националниот план за имунизација, се одвива во монтажната болница до Инфективна клиника,  каде се поставени 6 вакцинални позиции, и се работи во две смени од 8 часот наутро до 20 часот, од понеделник до сабота. Во тек е првата фаза од имунизацијата, а во меѓувреме тече пријавувањето на веб-страницата www.vakcinacija.mk како и преку матичен лекар за сите граѓани над 70 годишна возраст за кои вакцинацијата започнува веднаш после здравствените работници опфатени во првата фаза. Преку оваа апликација, граѓаните искажуваат само интерес, но не и закажување за термин за вакцинација, истакнува Министерството. Мој термин го утврдува датумот и часот за вакцинирање согласно фазите кои се содржат во Националниот план за имунизација на населението во земјава.

    Во тек е имунизација со првата пратка вакцината на „Фајзер“ која земјава ја доби од Србија, а кон крајот на месецот се очекува да стигнат и 200.000 вакцини од кинескиот производител „Синофарм“.

    Земјава преку Ковакс-механизмот има обезбедено 833.000 дози вакцини. Првата испорака која ќе пристигне ќе биде со вакцината „АстраЗенека“, од која првата количина е планирано да стигнe во март. Од оваа вакцина за Македонија се предвидени помеѓу 103.200 и 175.200 дози, од кои околу 35% треба да пристигнат во првиот, а останатите во вториот квартал од годината. Во првата испорака на Ковакс-механизмот за вакцини „Фајзер“, како што вели Министерството,  вклучени се само 18 земји, а не се вклучени земјите кои почнале сопствени програми за вакцинација против ковид-19.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира