ПОСИГУРНИ СМЕ И СЕ НАДЕВАМЕ ПОБРЗО ЌЕ СЕ ВРАТИМЕ ВО НОРМАЛА, РЕКОА МЕДИЦИНСКИТЕ ЛИЦА КОИ ПРВИ ЈА ПРИМИЈА ВАКЦИНАТА ПРОТИВ КОВИД-19

    ПОСИГУРНИ СМЕ И СЕ НАДЕВАМЕ ПОБРЗО ЌЕ СЕ ВРАТИМЕ ВО НОРМАЛА, РЕКОА МЕДИЦИНСКИТЕ ЛИЦА КОИ ПРВИ ЈА ПРИМИЈА ВАКЦИНАТА ПРОТИВ КОВИД-19„За мене ќе биде голема сигурност што сум примила вакцина“, рече д-р Добринка Наунова-Јовановска. (Фото: К. Попов)

    Примариус д-р Добринка Наунова-Јовановска и главната сестра Габриела Темелковска од персоналот на Клиниката за инфективни болести се првите во земјава кои денес ја примија вакцината против ковид-19. Вакцинацијата со дозите од првата пратка на вакцините на „Фајзер“ од Србија почна денеска во монтажната болница до Инфективна, а се очекува денес да се вакцинираат 260 здравствени работници.

    „Безболно е, се чувстувам одлично. Ова е единствен начин да се заштитиме од инфекцијата која е актуелна цела година“, рече д-р Науноска.

    Се очекува денес да се вакцинираат 260 здравствени работници. (Фото: К. Попов)

    Таа додаде дека за 21 ден ќе ја прими втората доза, а имунитетот се стекнува за 2 до 3 недели.

    „За мене ќе биде голема сигурност што сум примила вакцина. Индивидуално е кој каков имунитет ќе развие и колку антитела ќе создаде. Деведесет и пет отсто е заштиттната моќ на оваа вакцина и се надевам дека јас ќе бидам во тие 95 отсто“, додаде таа.

    Д-р Наунова-Јовановска и главната сестра Темелковска со министерот Филипче денеска после вакцинацијата против ковид-19. (Фото: К. Попов)

    Главната сестра Темелковска рече дека ги поканува сите да се пријават за вакцинирање, и додаде оти отсега медицинските лица ќе се чувствуваат посигурно, дека ќе се намалат бројките на новозаболени и оти „ќе почеме да се враќаме во нормален живот“.

    Според Националниот план за имунизација, во првата фаза ќе се вакцинираат здравствените работници од Ковид-центрите, конкретно, од Инфективната клиника и од Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје.

    „Според утврдениот план, термините за вакцинирање ќе бидат на 10 минути. Националниот систем до ковид-центрите низ државата, испрати списоци каде се наведени имиња на здравствени работници кои сакаат да се вакцинираат, со точен час и ден кога треба да дојдат да ја примаат вакцината во модуларната болница на Инфективната клиника. Ковид-центрите треба повратно да ги потврдат листите. На секој здравствен работник кој ќе прими вакцина веднаш ќе му биде резервирана втора доза за ревакцинација“, велат од Министерството.

    Здравствените работници кои не добиле покана за вакцинација против ковид-19 треба да се регистрираат електронски преку официјалната интернет страница www.vakcinacija.mk.

    Досега се пријавени 4.000 здравствени работници, од нив, околу 2.000 здравствени работници се во Скопје, а останатите се во другите градови. На веб-страницата досега над 46 илјади лица ја пополниле формата за аплицирање. На овој начин, тие се регистрираат во електронскиот систем Мој термин, а матичниот лекар може да го види податокот за секој пациент. Преку оваа апликација, граѓаните искажуваат само интерес, но не и закажување за термин за вакцинација, истакнува Министерството. Мој термин го утврдува датумот и часот за вакцинирање согласно фазите кои се содржат во Националниот план за имунизација на населението во земјава.

    Вакцината против ковид-19 може да ја прими секој што се чувствува здрав, а тие што прележале ковид може да се вакцинираат најмалку еден месец по целосното оздравување, како што и се препораките од Светската здравствена организација (СЗО) и меѓународните искуства, вели проф. д-р Александра Грозданова, претседателка на Комитетот за имунизација.

    Македонија очекува и 200.000 кинески вакцини против ковид-19, а во март и вакцината на „АстреЗенека“ од Ковакс-механизмот.

    Министерот за здравство Венко Филипче рече дека во текот на следната недела се очекува да пристигнат и другите количини од Србија, а според последните информации од производителот, поради тамошните празници, до крајот на месецов треба да пристигнат и кинеските вакцини. Согласно планот, дневно ќе се вакцинираат помеѓу 2 и 4 илјади лица.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира