50.000 МАСКИ ЗА ЗАШТИТА ОД АЕРОЗАГАДУВАЊЕТО ЌЕ НАБАВИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО ЗА ХРОНИЧНО БОЛНИТЕ

    50.000 МАСКИ ЗА ЗАШТИТА ОД АЕРОЗАГАДУВАЊЕТО ЌЕ НАБАВИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО ЗА ХРОНИЧНО БОЛНИТЕМинистерот за здравство Венко Филипче кажа дека сѐ уште размислуваат како да ги поделат маските, а граѓаните да го ограничат движењето на отворено, да пијат антиоксиданси и хронично болните да ја земаат терапијата. (Фото: СДК.МК)

    Министерството за здравство ќе распише оглас за набавка на 50.000 заштитни маски, за заштита од аерозагадувањето, ова денес го најави министерот за здравство Венко Филипче, кој кажа дека иако тие не се решение на проблемот со загадувањето, но дека маската е добар заштите механизам и дека одреден процент од тие загадувачките честички ќе ги задржи. Тој рече дека сè уште размислуваат на кој начин ќе ги дистрибуираат маските.

    „Како Министерство за здравство излегуваме со препораки до населението како самите да се заштитат од аерозагадувањето. Кога концентрацијата на ПМ10 ќе биде 100 микрограми на кубен метар во два последователни дена да се ограничи движењето на децата, и хронично болните, односно луѓето со кардиоваскуларни болести, лицата со дијабет и лицата што преживеале мозочен удар. Тие што работат на отворено колку што можат да го ограничат престојот на отворено. Препорачуваме да земаат антиоксиданси. Хронично болните редовно да ја земаат пропишаната терапија“, рече Филипче.

    Тој ги повтори и препораките од Министерството за животна средина да се користи јавниот превоз, повеќе лица да се возат во едно возило ако е можно и за загревање на домовите да не се користат отпадно масло, гуми, лакирани и обоени материјали.

    „Ако концентрациите на ПМ10 честичките надмине над 200 микрограми на кубен метар ќе излеземе со дополнителни мерки, односно со ослободување од работа на бремените жени, на лицата со хронични заболувања, пред сè оние со хронични белодробни заболувања, лица со мозочен удар, лица со преживеан срцев удар и со астма“, рече Филипче.

    Тој рече дека Министерството за здравство има обврска заедно со Институтот за јавно здравје да ги повторат мерките за заштита, бидејќи тоа им е работа.

    „Проблемот со аерозагадувањето е долгогодишен проблем, неговото решавање Владата го стави како приоритет, но како Министерство за здравство не можеме ништо повеќе од препораките и мерките кои ги преземаме. На располагање сме за помош на клиниките и болниците, каде пациентите се обраќаат“, рече Филипче.

    Д-р Драган Ѓорѓев од Институтот за јавно здравје, рече дека граѓаните мора да преземат сами мерки за заштита, а дека нивната работа како здравствен сектор е да алармираат во Владата, за да преземат мерки останатите надлежни за решавање на проблемот.

    Владиниот портпарол Миле Бошњаковски кажа дека инспекциите се на терен и дека заплениле веќе два тони гума, кои се користеле за загревање, забранет е дотур на стока во утринските часови и дека МВР и Град Скопје се на терен, неколку училишта го смениле начинот на загревање од мазут на пелети. Според него тоа се краткорочните мерки кои ги преземаат и апелираше граѓаните да ги користат броевите за пријавување загадувач.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари