Висок процент од жените, дури 65 отсто, велат дека се неподготвени за менопаузата, природен дел од стареењето кој се должи на природното опаѓање на репродуктивните хормони кај жената, почнувајќи некаде од 45-та до 55-та година. Затоа, како што советуваат гинеколозите, неопходна е емпатија и индивидуализирана грижа за секоја жена која се движи низ оваа сосема природна, но понекогаш стресна фаза од животот. Менопаузата понекогаш се нарекува и „промена на животот“ и го сигнализира крајот на способноста на жената да има деца.
На Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК) во Скопје во тек е недела на бесплатни прегледи и консултации на пациентки во менопауза. До утре, од 14 до 20 часот, ќе прегледуваат: денес д-р Наташа Илиева и утре – асс. д-р Ева Созовска-Белчовска.
Се смета дека една жена е во менопауза кога ќе поминат 12 месеци од нејзината последна менструација.
„Менопаузата, односно периодот околу неа (таканаречена перименопауза) ужива ‘лоша репутација’ токму поради бројните симптоми кои предизвикуваат фрустрација кај многу жени – како што се топли бранови, ноќното потење, сувоста на вагината, главоболки, зголемување на телесната тежина, намалена концентрација, промени во расположението и анксиозност. Симптоми кои секоја жена различно може да ги доживее, но и кои може многу да варираат и да траат повеќе години“, велат од Македонската асоцијација на гинеколози.
Светот на 18 октомври го одбележа Светскиот ден посветен на менопаузата – избран во 1984 од Светската здравствена организација (СЗО) и Меѓународното здружение за менопауза (ИМС) како датум кој треба да ја подигне свеста и да ја намали стигмата поврзана со неа, како и да ги нагласи достапните опции за поддршка и подобрување на здравјето и благосостојбата на жената во понатамошниот тек на животот.
Годинава, фокусот е на подигнувањето на свеста за „менопаузната магла” (brain fog) која опфаќа симптоми како тешкотии во учењето и вербалната меморија – тешкотии во помнењето зборови и бројки, намалена концентрација (лесна расеаност, губење на мислата), тешкотии при почетокот на секојдневни задачи, заборавање на причината за одредени активност (како – зошто, или по што дојдов во собава), заборавање на состаноци, значајни датуми и настани.
„Менопаузната мозочна магла е нормална и вообичаена во средовечните години, таа не е само имагинација на жената, и може значително да влијаат врз квалитетот на животот на една жена“, додаваат гинеколозите.
Притоа, дури кај три од пет жени, на возраст од 45 до 55 години, симптомите асоцирани со менопаузата негативно им влијаат врз квалитетот на реализација на работните обврски. Две третини од нив се жалат на помала способност да се сконцентрираат на работните и секојдневни обврски, а кај повеќето од половина ова предизвикува стресна состојба. Скоро 30% од жените користат боледување поради менопаузните симптоми, но само мал дел од нив ја наведуваат отворено оваа причина за боледување.
Неколку фактори на ризик кои можат негативно да влијаат на когнитивно здравје кај жените во перименопауза (период кој претходи на менопаузата), како што велат од Асоцијацијата, се: обезноста, нерегулираниот висок крвен притисок, дијабетесот, пушењето цигари, физичката неактивност, намалената социјална интереакција, когнитивната неактивност, анксиозноста и депресијата.
„Расположението на некоја жена во менопауза може да ѝ го подобрите со тоа што ќе ѝ подарите книга, ќе ја поканите на дружба или прошетка, и ќе ја подобрите нејзината физичка и психичка состојба“, советуваат гинеколозите.
Б. НЕСТОРОСКА