80-ГОДИШНА ЖЕНА ДОНИРАШЕ БУБРЕГ ЗА СИНОТ, НАД 150 БУБРЕЖНО БОЛНИ ЧЕКААТ ТРАНСПЛАНТАЦИЈА

    80-ГОДИШНА ЖЕНА ДОНИРАШЕ БУБРЕГ ЗА СИНОТ, НАД 150 БУБРЕЖНО БОЛНИ ЧЕКААТ ТРАНСПЛАНТАЦИЈАОсумдесетгодишната Павлина Георгиевска од Струмица пред еден месец донирала бубрег за сина си и со насмевка вели дека ништо не боли, и дека е среќна што и нејзиниот син сега е добро, откако претходно пет години бил на дијализа; - Павлина Георгиевска со министерот за здравство Венко Филипче (Фото: Фејсбук)

    Осумдесетгодишната Павлина Георгиевска пред само еден месец донирала бубрег за својот 62 годишен син, кој пет години бил на дијализа. Таа денес на одбележување на Европскиот ден на органодарителство, кој го организираше здружението „Нефрон“ под мотото „Зборуваш ли донорски? Дарувај орган-подари живот“, дојде да даде поддршка на заложбите да заживее и трансплантацијата. Георгиевска со насмевка вели дека се чувствува одлично, а на доаѓање на дебатата му се пофали на министерот за здравство Венко Филипче дека и синот сега е добар и дека е пресреќна што му дала шанса за живот.

    Во моментов на дијализа се 1.500 бубрежно болни во 22 центри за дијализа, а трошоците на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) за покривање на овие здравствени услуги на годишно ниво се 1,2 милијарди денари, од кои милијарда во приватните здравствени установи за дијализа, а 200.000 денари јавните здравствени установи.

    Директорот на ФЗОМ Ден Дончев кажа дека годишно Фондот за еден пациент кој е на дијализа троши 800.000 денари. Тој најави дека од јануари следната година ќе овозможат пациентите во домашни услови да ја вршат дијализата, а за оние за кои има потреба од тоа оваа услуга одреден период да ја добиваат во странство.

    Претседателот на „Нефрон“ Душко Ѓорѓиев, кажа дека откако трансплантацијата на бубрези беше во прекин три години, веќе нема листи на чекање за пресадување од жив донор и дека според неформални информации што ги имаат, меѓу бубрежно болните има 150 потенцијални кандидати за трансплантација.

    „Идејата е со кампањата да се поттикне органодарителството, бидејќи на нашите граѓани не им се потребни само бубрези, туку и други органи. Се надеваме дека овој процес, кој беше запрен, сега ќе продолжи да се развива“, рече Ѓорѓиев.

    „Наскоро ќе ги распишеме огласите за доделување лиценци за трансплантација на приватните болници. Минатата недела помина проширувањето на здравствената мрежа на Влада. Во овој процес ќе ја искористиме само инфраструктурата на приватните болници, а целиот процес ќе го водат тим од лекари од нашите клиники и со дозвола од Министерството за здравство“, рече министерот за здравство Венко Филипче на одбележување на Европскиот ден на органодарителството (Фото: МИА)

    Министерот за здравство Филипче кажа дека во моментов има 13 парови кои чекаат трансплантација на бубрег од жив донор и дека прават дополнителни анализи како да се организира системот за трансплантација, кој во иднина ќе функционира без да зависи од волјата или ентузијазмот на поединци.

    „Побаравме листи од сите наши центри за дијализа, за да се направи листа на пациенти кои би биле кандидати за трансплантација. Се прават дополнителни медицински испитувања во однос на коморбидитетите кои што тие би ги имале тие пациенти и врз основа на тоа ние ќе имаме една чиста листа на пациенти на кои им е потребно пресадување на бубрег. Во моментов на дополнителни испитувања се стотина пациенти, а веќе дваесетина се на дополнителни типизации. Врз основа на таа листа ќе го почнеме процесот за повторно активирање на кадаверична трансплантација“, рече Филипче.

    Тој кажа дека дека по овие анализи ќе се направат регистри на пациенти кои се на листа на чекање за кадаверична трансплантација, односно за орган од пациент со мозочна смрт, и дека меѓу приоритетите за следната година ќе биде обнова на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување. Филипче рече дека наскоро ќе ги распишат и огласите за издавање лиценци за трансплантација на клетки за лекување хематопоетски матични клетки, срце, панкреас, очни ткива, црн дроб, бубрези и бели дробови во приватните болници.

    „Тоа досега не беше направено бидејќи требаше да се прошири здравствената мрежа, но не само за трансплантација, туку и за другите здравствени услуги. Проширувањето на здравствената мрежа помина минатата недела на Влада. Во овој процес само ќе ја искористиме инфраструктурата на приватните болници, а целиот процес на трансплантација од одбирање на кандидатот, обезбедување на орган од кадавер и самата трансплантација ќе ја прави тим од нашите клиники под контрола на Националниот координатор за трансплантација и Министерството за здравство“, рече Филипче.

    Тој кажа дека доколку приватните болници побараат да прават трансплантација на странски државјани, во тој случај дозвола треба да добијат од Еуротрансплант.

    Директорката на КАРИЛ д-р Маја Мојсова, која е новиот Национален координатор за трансплантација, кажа дека од почетокот на годината досега се направени 16 трансплантации од жив донор, и дека ако заживее донорството од пациент со мозочна смрт за почеток може да се очекуваат 5-6 вакви трансплантации годишно.

    „Годинава имавме три случаи на пациенти со мозочна смрт, но за жал, не беа соодветни за кадавер, односно имаа и други оштетени органи“, рече Мојсова.

    Таа кажа дека освен едукација на населението за органодарителството, потребна е и едукација и на лекарите за да има успех кампањата.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира