80 ОТСТО ОД ПАЦИЕНТИТЕ КОИ СОБИРААТ ДОНАЦИИ ЗА ЛЕКУВАЊА ВО СТРАНСТВО НЕ СЕ НИ ОБРАТИЛЕ ДО ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО, РЕЧЕ ДИРЕКТОРОТ КЛЕКОВСКИ

    80 ОТСТО ОД ПАЦИЕНТИТЕ КОИ СОБИРААТ ДОНАЦИИ ЗА ЛЕКУВАЊА ВО СТРАНСТВО НЕ СЕ НИ ОБРАТИЛЕ ДО ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО, РЕЧЕ ДИРЕКТОРОТ КЛЕКОВСКИМакедонските граѓани имаат недоверба во здравствените институции за поддршка на лекувањата во странство, рече Клековски. (Фото: К. Попов)

    Осумдедесет отсто од пациентите кои собираат средства за лекувања во странство не се ни обратиле претходно до Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), рече денеска во Струмица директорот Сашо Клековски.

    Државниот завод за ревизија во јуни објави извештај дека постојат слабости и неправилности во постапката за упатување за лекување во странство на осигурените лица, при што не е обезбедена соодветна правна заштита на барателите и не е воспоставена контрола и систем на следење на успешноста на лекувањето во странство. Ревизорите утврдиле дека побарувањата за дадени аванси за лекување во странство нецелосно се евидентирани и не се воспоставени соодветни контроли за потврдување на фактурите од странските болници.

    Клековски рече дека со заклучок на Владата побарана е ревизија на работата на Фондот и тоа е во тековна постапка.

    „Лекувањата во странство се еден мал сегмент од работата на Фондот, кој е повеќе од сето тоа. Меѓу првите средби ни беа со луѓе кои се ангажирани во собирање средства. Ние на секои три дена одобруваме доста лекувања во странство. Значителен број од тие луѓе што собираат средства воопшто не пробале да добијат средства во Фондот. Верувам дека е прашање на недоверба во институциите, дека воопшто не веруваат дека имаат шанса да добијат средства. Ние таа недоверба мора да ја надминуваме, мораме да бараме системски решенија, затоа што во извештите на Државниот завод за ревизија има значајни забелешки за начинот на водењето на лекувањето во странство. Веќе имавме состанок со Заводот и еден од приоритетите е структурно да го коригираме тоа. Да изградиме еден однос на доверба со пациентите и оние кои имаат навистина потреба, да ја добијат поддршката од Фондот“, рече Клековски.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира