АДЕМИ ВЕЛИ УЧЕБНАТА ГОДИНА ПОЧНА ВО ПОВЕЌЕТО УЧИЛИШТА, СИНДИКАТОТ ВЕЛИ ПОВЕЌЕТО ШТРАЈКУВАЛЕ

    АДЕМИ ВЕЛИ УЧЕБНАТА ГОДИНА ПОЧНА ВО ПОВЕЌЕТО УЧИЛИШТА, СИНДИКАТОТ ВЕЛИ ПОВЕЌЕТО ШТРАЈКУВАЛЕПрвачињата во основното училиште „Гоце Делчев“ во скопската Општина Центар на првиот школски ден беа примени во училишниот двор. (Фото: СДК.МК)

    Во дел од основните и средните училишта денеска се примаа ученици, а дел не работеа, по одлуката на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) да се одржи предупредувачки штрајк бидејќи се незадоволни од најавеното покажување на платите од пет отсто.

    Министерот за образование Арбер Адеми утрово, при посетата на основното училиште „Лазо Ангеловски“ во населбата Ново Лисиче, рече дека не знае во колку училишта се штрајкува бидејќи сè уште е рано, но дека во добар дел е почната учебната година. Тој повтори дека нема причина за штрајк и дека Владата работи на подобрување на статусот на наставниците.

    „Со СОНК имаме коректен и конструктивен социјален дијалог и ќе продолжиме. Ќе ги разгледаме сите податоци и аргументи и во партнерски одсно со синдикатот ќе одлучиме како  Влада за идното покачување на платите на наставнците“, рече Адеми.

    Од СОНК велат дека се задоволни од тоа како се одвива предупредувачкиот штрајк, односно дека тој се одвива непречено во сите средни и основни училишра.

    „Штрајкот одлично беше организиран, и нè поддржаа и вработени кои не се членови на синдикатот. Директорите на училиштата воопшто не вршеле притисок да почне учебната година. Точно е дека во некои училишта се примале првачиња и ученици, но тоа е затоа што ако одлучат да ги однесат децата директорите имаат обврска да обезбедат наставен процес. Во тоа учествувале некои наши колеги кои не се членови на синдикатот“, рече Јаким Неделков, претседател на СОНК.

    Според СОНК, наставниците денес биле на своите работни места и се во една просторија додека трае работниот ден.

    „Ова е предупредувачки штрајк, а од утре наставата ќе се одржува. Во текот на овој месец ќе имаме средба и во Министерството за образование и со Владата, за да се најде решение за нашите барања и за покачување на платите на просветните работници и за другите наши барања“, рече Неделков.

    СОНК, на седницата одржана минатиот месец, најави дека ако не се најде решение на нивните барања за покачување на платите за 25 отсто до крајот на месецот, потоа ќе одлучи за идните постапки, како и за можноста да излезат на штрајк.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари