АДВОКАТОТ НА ТАРЧУЛОВСКИ БАРА КАЦАРСКА ДА НЕ СУДИ ЗА НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТО ОТИ БИЛА РОДНИНА СО ОШТЕТЕНИ

    АДВОКАТОТ НА ТАРЧУЛОВСКИ БАРА КАЦАРСКА ДА НЕ СУДИ ЗА НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТО ОТИ БИЛА РОДНИНА СО ОШТЕТЕНИ„Барам изземање на претседателката на Судечкиот совет Добрила Кацарска, оти има сомнеж дека е роднина на некои од оштетените, кога ќе ги соберам сите докази ќе ги доставам до судот“, рече адвокатот Антонио Апостолски на судењето за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 (Фото: К. Попов)

    Адвокатот на Јохан Тарчуловски, еден од 33-цата се обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017, на денешното судење побара изземање на претседателката на Судечкиот совет Добрила Кацарска поради сомнеж дека е во роднински врски со некои од оштетените.

    „Барам изземање на претседателката на Судечкиот совет, оти има сомнеж дека е роднина на некои од оштетените, кога ќе ги соберам сите докази ќе ги доставам до судот“, рече адвокатот Антонио Апостолски.

    Судијката Кацарска на тоа му рече „Баш ме интересира да видам со кого сум роднина“.

    Апостолски кажа дека Кацарска тенденциозно ја води постапката, бидејќи на адвокатите не им дозволува кога има паузи да излегуваат од сала.

    Кацарска даде пауза од еден час, за да се одлучи по барањето за изземање.

    Денеска на судењето сведочеше вработениот во Собранието Сашко Коцевски, а по паузата ќе сведочат и пратеникот Ферид Мухиќ, Курто Дудуш, сега градоначалник на Шутка, а тогаш пратеник, и новинарката Душица Мрѓа.

    Коцевски, кој е одговорен во Собранието за системот за гласање и евиденција на пратениците и за архивирање на податоците од гласањето на собраниската веб страна, објаснуваше што се случувало во собраниската сала за време на изборот на новиот претседател Талат Џафери на 27 април 2017. Тој кажа дека до 14 часот седницата имала нормален тек, по што претседавачот Трајко Вељаноски дал пауза до 15 часот. До 17.30 расправата имала некаков нормален тек, до моментот кога Вељаноски му даде збор на пратеникот на Беса Зекирија Ибрахими, кој почна да ја пее химната на Албанија од говорницата. По тоа се зголеми тензијата во салата, посебно во делот кај ВМРО-ДПМНЕ, а и кај СДСМ. По Зекирија, процедурално побарале збор Крсто Мукоски и Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ и координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев. Вељаноски му даде збор на Мукоски кој почна да ја пее македонската химна, потоа процедурално побарале и Димовски и Тунтев, но Вељаноски не им дозволи и во 18 часот ја прекина седницата.

    „За работа на седницата по 18 часот одобрение дава само претседавачот во договор со координаторите на пратеничките групи. Бидејќи немаше таков договор, ја прекина седницата. Мое задолжение е во моментот кога претседателот ќе ја прекине седницата, да ги исклучам микрофоните на пратениците. Тогаш имаше раздвижување на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, тие беа позади мене, јас седев на стол, слушнав гласови, не знам чии, коишто викаа мора да се спречи изборот на нов спикер на Собрание. Позади мене седеа пратениците Крсто Мукоски, Жаклина Пешевска, Љубен Арнаудов, Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски, не знам кој, го кажав тоа, јас го исклучив системот“, кажа Коцевски.

    Тој објаснуваше како ја напуштиле салата и отишле во просторијата на техничката режија на Собранието која е залепена веднаш до прес-центарот.

    „Претходно група пратеници му довикуваа на Вељановски, не слушнав што, но тој ја напушти салата. Потоа го следевме од просторијата на режијата пресот на Заев и Џафери, но камерите беа вклучени без тон, па слушавме на Телевизија 24 вести. Пратениците Али Ахмети и Бранко Манојловски не беа во салата кога се гласаше Џафери за претседател“, рече Коцевски и додаде: „Го побаравме генералниот секретар на Собранието Жарко Денковски да нè извлече, но тој не се јави. Тој покасно сам се јави и праша дали опремата за снимање е во ред. Друго ништо не кажа. За цело време додека траеја насилствата слушавме пукање, викотници и околу 20 часот дојде да нè извлече Горан Ѓошевски, шеф на обезбедувањето на Вељановски“.

    Коцевски рече дека тој е член на ВМРО-ДПМНЕ од 1991 и дека одел на дел од протестите на „За заедничка Македонија“, но дека не чул Игор Дурловски или Богдан Илиевски-Бетмен во некои од говорите да повикуваат на насилство.

    „Ние добивавме насоки преку пораки од претседателите на месните комитети да одиме на протестите, слободно и без заканување, и таму слушав посебно меѓу тврдокорните членови на ВМРО-ДПМНЕ како зборуваат зошто еден од водачите е Богдан Илиевски-Бетмен, дали тоа го прави само од финансиска корист, бидејќи порано тој го плукаше нашиот лидер Никола Груевски“, рече Коцевски.

    На вкрстеното испрашување на адвокатите од обвинетите тој ја објаснуваше процедурата во Собранието во случаи на снимање, гласање и на сето тоа што се случува во салата.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира