АДВОКАТОТ СТЕВАН ПАВЛЕСКИ Ѝ ОТКАЖА ПОЛНОМОШНО НА КАТИЦА ЈАНЕВА

    АДВОКАТОТ СТЕВАН ПАВЛЕСКИ Ѝ ОТКАЖА ПОЛНОМОШНО НА КАТИЦА ЈАНЕВАПавлески денеска се појави на судењето на „Траекторија“ за кинеските автопати, каде што го брани обвинетиот ексдиректор на Агенцијата за патишта Љупчо Георгиевски. Павлески е адвокат и на осомничениот во „Империја“ Цветан Панделески, поради што имаше конфликт на интереси. - Стеван Павлески; Катица Јанева (Фото: СДК.МК)

    Адвокатот Стеван Павлески, кој дојде на распит со осомничената Специјална обвинителка Катица Јанева во Обвинителството за организиран криминал, а потоа ја бранеше кај судија на претходна постапка од мерката притвор, ѝ го откажал полномоштвото.

    „Точно е дека го откажав полномошното на госпоѓа Јанева, продолжувам да ги застапувам моите досегашни клиенти во предметите на Специјалното обвинителство“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК адвокатот Павлески, кој е поранешен Државен обвинител.

    Тој денеска дојде на судењето на „Траекторија“ за кинеските автопати, каде што го брани обвинетиот ексдиректор на Агенцијата за патишта Љупчо Георгиевски. Павлески е адвокат и на осомничениот во „Империја“ Цветан Панделески, што значи во две обвиненија на СЈО, поднесени од Јанева.

    На 22 август, по притворањето на Јанева, шефицата на ОЈО за организиран криминал и корупција Вилма Рускоска, која ја води истрагата „Рекет“, изјави дека Павлески има конфликт на интереси и оти не може истовремено да биде бранител и на Катица и на обвинети од неа.

    Рускоска кажа дека на нејзино инсистирање, адвокатската канцеларија на Павлески си зела обврска едното од полномоштвата да го откаже и оти изборот паднал на Јанева. Павлески тогаш се изјаснил дека повеќе нема да биде адвокат на Георгиевски и на Панделески, но според денешниот негов ангажман, се виде дека одлучил спротивното да го направи.

    По притворањето на Јанева, Павлески како нејзин бранител кажа дека таа сепак не оставила впечаток кај него дека е обвинител кој секогаш инсистирал на мерка притвор.

    „Јанева е човекот кој гледаше либерално на притворот. Таа е единствената која дозволуваше куќен притвор, враќање на патните исправи… Погледнете ги одлуките на Одделението за организиран криминал – тие немаа такво искуство. Ете тоа некој го зема за зло. Таа е жртва во случајот и ќе го докажеме тоа“, рече тогаш Павлески.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира